X
 05.08.2021 Забава

Овој пар патува низ светот и копира култни сцени од познати филмови

Откако отишле на неколку патувања, Робин Лахеин и Џудит Шнајдер од Франкфурт, Германија, одлучиле да направат нешто посебно за нивното наредно патување.

Разговарале за различни идеи пред да одлучат да патуваат низ светот и да копираат познати филмски сцени.

Така, во 2014 година ја посетиле Прага создавајќи ја популарната сцена од филмот „Невозможна мисија“ од 1996 година.

Во текот на наредните неколку години Лахеин и Шнајдер посетиле многу дестинации, од Рим и Исланд до Њујорк, имитирајќи сцени од филмови како „Телма и Луиз“, „Игрите на гладните“, „Јади, моли се, вљуби се“, „Ѓаволот носи прада“, како и сериите „Игра на троновите“ и „Даунтаун Аби“.


Во 2018 година го отворија инстаграм-профилот „Сикрет фејмос плејсес“, каде што ги споделуваат оригиналните сцени од филмовите и оние што тие ги создале кога ги посетиле тие места. Нивните интересни авантури ги следат над 40.000 луѓе, меѓу кои и Хилари Свонк и Марион Котилард.

Тие велат дека се воодушевени што нивното необично хоби привлекува толку големо внимание, особено затоа што не планирале да ги споделат фотографиите со светот.

- Прво се фотографиравме за да имаме фотографии за во нашата дневна соба. Не очекувавме дека толку многу луѓе ќе ги засакаат нашите фотографии - вели Лахеин.

Нивните пријатели на почеток мислеле дека фотографиите се фотошопирани, но кога дознале дека патуваат на тие места и се облекуваат исто како филмските ликови, биле воодушевени.

- Кога првпат разговаравме за тоа да се облекуваме како актерите, почнавме да се смееме бидејќи мислевме дека се потребни многу време и труд - вели Шнајдер.

Освен облеката, тие се трудат и аголот на фотографијата да биде што поблизок до изворната сцена.

Првата фотографија што ја направиле не поминала според планот. Биле во Прага и требало да одат на прекрасниот Карлов мост и да ја снимат култната сцена од „Невозможна мисија“. Се пресоблекле и се нашминкале, но почнал да врне силен дожд. Не им преостанало ништо друго освен да се вратат и да го направат тоа наредниот ден.


Како што велат, создавањето на култните филмски сцени не е толку едноставно. Честопати мораат да планираат многу, од тоа како да стигнат до местото и на што треба да се фокусираат.

Кога се фотографирале за сцена од филмот „Ла ла ленд“ од 2016 година во која танцуваат Ема Стоун и Рајан Гослинг, морале со часови да одат пеш до местото. Освен тоа, за да се фотографираат на одредени места, морале да обрнат внимание и на дозволите, како што тоа било случајот кога ја правеле сцената од филмот „Тенет“ од 2020 година во вилата Цимброне во Равело, Италија, како и сцената од филмот „Војна на ѕвездите: Епизода II напад на клоновите“ на езерото Комо.

Сето ова е проследено со наоѓање облека што ја носат филмските ликови.

- Секогаш се обидуваме да ги користиме работите што веќе ги имаме за да не купуваме нови - вели Шнајдер, раскажувајќи за тоа како направиле ѓердан од парче челик за одредена сцена од „Војна на ѕвездите“.

- Понекогаш позајмуваме облека и работи од пријателите. За некои сцени ни требаат само фармерки, чевли и кошула, додека за други треба да импровизираме - додава таа.

Една од нивните најпопуларни фотографии е сцената од филмот „Форест Гамп“ од 1994 година, за која ангажирале група патници да застанат во заднина за фотографијата да изгледа поавтентично.

Ако местото е многу популарно и има туристи, тогаш може да биде потешко да се направи фотографијата. Кога сакале да се фотографираат покрај каналот Лајдсеграхт во Амстердам, за сцената од филмот „Вината во нашите ѕвезди“ од 2014 година, имало многу туристи.

- Имаше многу луѓе што сакаа да седат таму. Моравме да чекаме додека не се испразни - вели Шнајдер.


Познатите личности ги поддржуваат

Актерот Том Кулен од „Даунтаун Аби“ е првата ѕвезда што им остави коментар: „Ме воодушевивте“, на фотографија што прикажува сцена од серијата „Даунтаун Аби“.

- Тогаш имавме три фотографии и 300 следбеници. Беше навистина убав гест од него - вели Шнајдер.

Некои од нивните следбеници претпоставуваат дека нивните патувања се финансирани од нивните семејства, но тие истакнуваат дека си ги плаќаат сами и дека не заработуваат пари од фотографиите. Се обидуваат да избегнуваат „Фотошоп“ што е можно повеќе за да ги направат фотографиите вистински приказ на местото, но признаваат дека повремено користат филтри и менуваат бои за да ја подобрат фотографијата.


- Локалните жители се горди што одреден филм се снимал во нивниот град, па ни помагаат - вели Шнајдер.

Иако пандемијата ги запре патувањата, тие сепак патувале низ Германија, а ја посетиле и Италија минатото лето, кога накратко беа укинати ограничувањата.

Досега имаат копирано околу 100 филмски и ТВ-сцени, но имаат уште многу други на ум. Се надеваат дека ќе го посетат Лондон во наредните месеци, како и Њујорк и Австралија.

- Списокот со локации е долг. Мислам дека ќе поминеме уште неколку години правејќи го ова - вели Шнајдер.

Извор: CNN
Фото: Instagram/Secretfamousplaces
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава