Виртуелните контакти за време на пандемијата направиле многу луѓе постари од 60 години да се чувствуваат поосамени и подепресивни отколку воопшто да немаат контакти, покажува ново истражување.
Многу постари лица останале во контакт со фамилијата и пријателите за време на затворањата користејќи ги телефоните, видеоповиците и другите форми на виртуелен контакт. Книжевните онлјан-клубови и виртуелните приказни за добра ноќ со внуците им помогнаа на многумина да ја избегнат изолацијата.
Но, студијата, која е меѓу првите што компаративно ги оценува социјалните интеракции низ домаќинствата и менталната благосостојба за време на пандемијата, посочува дека многу постари лица имале чувство на поголема осаменост и долготрајни нарушувања на менталното здравје како резултат на префрлањето на онлајн-социјализација за разлика од оние што пандемијата ја поминале сами.
- Бевме изненадени од наодот дека постаро лице што имало само виртуелен контакт за време на затворањето искусило поголема осаменост и негативни влијанија врз менталното здравје отколку постаро лице што воопшто немало контакт со други луѓе - истакна Јанг Ху од Универзитетот во Ланкастер, кој е коавтор на извештајот.
Тој додава дека очекувале виртуелниот контакт да се покаже како подобар отколку целосната изолација, но тоа не било така за постарите лица.
Според Ху, проблемот е што за постарите лица кои не ја знаат технологијата толку добро било стресно да научат како да ја користат. Но, дури и за оние што ја знаеле технологијата, честото користење за време на затворањата било толку стресно што било поштетно за нивното ментално здравје од едноставно справување со изолацијата и осаменоста.
Ху собрал податоци од 5.148 лица на возраст од 60 и повеќе години во Велика Британија и 1.391 во САД, како пред, така и за време на пандемијата.
Тој нагласува дека треба да се стави поголем акцент на безбедните начини за контактирање лице в лице во идни вонредни случаи. Исто така, тој смета дека треба да има кампања за поткрепување на дигиталните способности на постарите лица за да можат да ја користат технологијата следниот пат кога ќе има ваква катастрофа.
Извор:
Guardian
Насловна фотографија: Freepik