X
 05.12.2016 Живот

Како ги научив моите деца да размислуваат?

Како мајка на две деца, морав да ги прочитам сите книги за дисциплина. Тогаш сфатив дека сите совети се во облик на една идеја: контрола и управување со децата.

Тоа е еден оксиморон: сакаме да ги воспитаме децата да бидат автономни, храбри, хумани и длабоки мислители кога ќе пораснат. Граѓани на демократијата. Лидери на светот. Сепак, нашата дисциплина дома и на училиште и понатаму ја одразува тековната индустриска револуција. Контрола низ награди и казни, и правилото дека, кога седиш мирно и го работиш она што ти е кажано, можеш да имаш корист.

Иако изгледа како беспрекорно однесување и добра дисциплина, учењето на децата да седат со скрстени раце и да велат: „Да, мама“ може да биде многу опасно.

Зошто е добро да имате деца со силна волја?

Живееме во 21-от век, ера на новите културни војни: иновациите, тероризмот, фундаментализмот, подемот на креативната класа, климатските промени, зголемувањето на нееднаквоста, глобалното државјанство и пореметувањето во високото образование. Дисциплината со стап не ги учи децата како да мислат, да се ангажираат или да бидат во интеракција со овие големи прашања и да станат морално софистицирани луѓе.

Читав дека мораме да си веруваме еден со друг во нашите домови, да се бориме со тоа што значи да живееме и да учиме заедно, да се справуваме со решавање на конфликтите и да практикуваме вештини на решавање на конфликтите. Се согласувам со ова. Моите правила од типот: стави ги своите валкани алишта во кошницата - не се ништо друго туку постојано приговарање.

Овие правила ги заменив со повнимателен разговор за тоа како сакаме да ја одржуваме облеката чиста. Децата треба да ги вклучите во животот.

Иако сето тоа е всушност еден хаос.

Но, исто така е и многу интересно. Моите деца за прв пат мислат, се расправаат и се борат за изградба на ефикасен систем, а јас тоа го правам со нив, а не им го правам нив.

После години барања да го прават она што им е кажано и да го чекаат моето „браво“ бидејќи ме послушале, не размислувајќи самостојно, ниту залагајќи се за своите интереси, денес моите деца од 8 и 10 години ме прашуваат: „Мама? Дали можеме некако да бидеме добри и со тоа да добиеме колачиња?“, а јас им велам: „Колачиња? Наградите се за старомодна дисциплина, мама повеќе тоа не го прави. Ајде да направиме колачиња заедно!“

Тие велат: „Дали ќе ни ги прегледаш домашните задачи?“, а јас им велам: „Што мислите, зошто е домашната задача важна? Дали сите се согласуваат околу домашните задачи? Што значи кога домашната задача ти е изработена добро? Како знаеш дека тоа си го направил добро?“. Тие започнуваат да размислуваат за тоа.

„Зошто мораме да ги чистиме нашите соби?“, прашуваат тие, поттрунувајќи се со лактото еден од друг. Претходно бев тиранин, вистински змеј во врска со чистотата на нивните соби. Тогаш се запрашав: „Зошто?“ Одговорот: „Затоа што јас така велам“ звучеше шупливо од гледна точка на некој кој сака да поттикне лична иницијатива и самостојно решавање на проблемите.

Затоа велам: „Одлично прашање. Да повикаме семеен состанок и да одлучиме“. И тоа и го правиме, а тие одлучуваат дека сакаат да ги организираат играчките за да видат каде се и да ги пронајдат.

Мојата диктатура е готова.

Не се чувствував добро кога се однесував како капетан, лидер, како што повеќето традиционални книги за дисциплина бараат да правиме. Секогаш се чувствува неправедно, претставувајќи се пред своите деца како мудра и моќна: Казнувач на лошото однесување со последици и Наградувач на доброто однесување со колачиња. Сеега сум слободна. Сите се развиваме. Баш како што и нив, и јас работам на тоа да станам храбра, независна, внимателна и емпатична личност. Спремна сум за цивилизирана дискусија со луѓето кои не се согласуваат со мене, го отворам својот ум и срце за зборовите и мислите на моите деца.

Промената во динамиката на нашето семејство е драматична. Ние сме многу посреќни. Се' е потопло. Не сум истражен судија кој ги казнува и наградува. Ние се слушаме едни со други, вежбаме вештини кои им се потребни за подоцна кога ќе бидат возрасни.

Да, за изградба на топла заедница полна со љубов потребно е повеќе време, и да, прилично е хаотично: постојат повеќе активни конфликти и расправии, но тоа за мене е во ред. Всушност, јас тоа и го охрабрувам. Тоа е беспрекорната подготовка за животот. Ние сакаме нашите деца да бидат добри луѓе во иднина.

Моето напуштање на традиционалната дисциплина ми разјасни дека да се биде добар родител денес, значи децата утре да бидат добри луѓе. Тоа е далеку од стапот.

 

Автор: Андријана Максимовиќ
Извор: Зелена учионица

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот