Драг Соселанец...
Нашите заеднички пријатели, како дворјани облечени во тексас и загрижени за „зимата на едно твое и мое незадоволство“, ми укажуваат дека сме најсериозните кандидати за ловоровото венче кое се доделува за Прочка. Велат, а и самиот гледам, дека си ја јавнал бесната кобила Дистанца (во однос на мене) затоа што, пази сега ова, според твоето кажување, наводно сум те повредил - сум те дефинирал, во некое мое објаснување за системот во кој живееме, дека си социопат. А кој тоа овде не е?!
Опинок еден Горно-Јеловчански. Во твоето и моето долгогодишно јавање галоп од Просторот заробен во своето име и глупости, па до Хиндустан, честопати имало „цело е кога има сè“, па и двонасочни улици со име Навреди или Повреди и, доколку сум ја изгалопирал кон тебе оваа улица, јас за неа не се сеќавам, затоа што во своето изразување кон тебе не сум ја имал таа намера – да те повредам. Ја немам таа потреба ни сега, па ни со овој мој монолог со тебе. Според твоето однесување, тој расцеп во твоето светогледие кон мене со нешто сум го предизвикал. И не ми паѓа на памет да ти се извинувам. Пред сè, затоа што не знам со што тоа сум те повредил, со оглед дека и нашето јавање коњи заедно, беше такво – ти мене – јас тебе... И обратно.
Изреката „од дрвото не ја гледа шумата“ се однесува на човек кој премногу ќе се приближи до некој човек, објект или појава, така што не ги гледа неговите вистински размери и карактеристики. Тоа значи дека понекогаш ни треба дистанца за подобро да ги согледаме квалитетите на оној или она на кое сме се приближиле или го набљудуваме. Можеби ти тоа го направи со твоето однесување кон мене – да продолжиш да јаваш сам. Мудро. Тоа се однесува и на мене – оддалеку да те согледам.
Во Царството на душата постои една област која се нарекува Проштевање и која често, како туристичко место, ја посетуваме за да се одмориме и да продолжиме да стигнеме на други одредишта. Тој пат, за да стигнеме дотаму некаде, како одредница, бара заземање потребна дистанца за да го согледаме значението што ова туристичкото место го има врз изградбата на хармонични односи со другите.
На влезот во ова место стои напишано: „Да простиш на друг за раната што ти ја нанел е најголема доблест на човековата свест“. Но најчесто многу лесно се одрекнуваме од ова добредојде и ваква доблест затоа што во далечина нè мами прекрасната можност – одмазда. А таа, како непростување, ни изгледа многу послатка. Доколку пак не се одмаздуваме, сепак, во интимата на својата душа, носиме огорченост и одбојност кон „оној што болката ни ја нанел“. Во одмаздата казнуваме некоја личност за нанесената ни болка, но со огорченоста се казнуваме себеси затоа што некому сме му дозволиле да нè повреди.
Велат дека не е добро да се одмаздуваш и да казнуваш други, но не е добро ни себеси да се казнуваш. Затоа и некои мудри луѓе рекле „кој тебе со камен – ти него со леб“. Ваквата „клетва“ најчесто изгледа апстрактна, неверојатна, дури се доживува како своевидна провокација или „ставање“ на страната на „непријателот“. И тука не помагаат никакви објаснувања за да цитираната мудрост, како стратегија, биде прифатена како однесување.
Од друга страна гледано пак, јас сум одговорен дали ќе го прифатам или не предизвикот кој ти Соселанец ми го упатуваш со своето однесување кон мене – игнорирање, како вид конфликт. Ваквата подготвеност (да се прифати „конфликтот“) во себе крие уште една нездрава клица, а таа е: штом одлучам да учествувам во „конфликтот“, веќе не е битно кој прв го започнал. Честопати првенството на започнување на „конфликтот“ го прифаќаме како алиби за со мирна совест да го изразиме својот бес, пизма, завист или љубомора кон „противникот“. Но тоа е провидна стратегија на однесување, можеби не за тебе и мене, самите актери на „конфликтот“, туку пред сè за непристрасните набљудувачи – ѕиркачите (дворјаните облечени во тексас).
Како тоа, ќе прашаш?
Што ми вреди што како ној ја ставам главата во песок, молчам пред изразената твоја „агресија“ преправајќи се дека нема никаква „опасност“. Што ми вреди оправдувањето што си земам како премиса дека некој друг (ти или јас) го започнал „конфликтот“, доколку сум го прифатил. Во ваквите однесувања само сум/си се убедил себеси, но не и сведоците - ѕиркачите на мојата/нашата мизерија, очајот кој од мене/тебе излага, падот кој е недостоен за луѓе какви што сме ти или јас или кон што тежнееме да бидеме.
А сигурен сум дека сме човеци. А ти како сакаш мисли.
„Конфликтот“ меѓу нас двајцата во суштина е бокс со сопствената сенка. Или, поинаку кажано, мојот непријател е моето огледало. Значи не е исто како јас во него се огледувам со сите видливи и невидливи страни за мене. Постои една димензија на нас самите која не можеме со прецизност да ја здогледуваме без помош на другите луѓе, или самите себе не се гледаме со особeностите кои не ни се допаѓаат. Доколку ги немаше реакциите на другите лица кон нас, би ни требало време за да станеме свесни за нив..
Твојата рефлексна реакција е да се браниш од мене – „напаѓачот“, но со тој начин пропушташ можност да се согледаш самиот себе и нашиот однос.
Ако на навредата што си ја примил од мене возвраќаш со навреда, на омаловажување со омаловажување, на пизма со пизма, со тоа си се изедначил со својот „противник“ и си му дал оправдување дека неговите претходни процени за тебе биле втемелени и оправдани. Биле реални. Со возвраќање со иста мера, поточно со одмазда, на твојот „противник“ истовремено си му дал дополнителна мотивација или енергија да остане во својот напад и да те порази (нападот е најдобра одбрана). Доколку си доволно силен, можеби ќе победиш, но тоа е победа со горчлив вкус во устата, каде што си изгубил еден дел од твојата добрина затоа што си разбрал дека можеш да уживаш во туѓиот пораз. Ќе ми се ситиш? Не си ни прв ни последен.
Од моја страна јас нема да ти возвраќам. Ти простувам.
Одмаздата, драг мој Соселанец, како друга страна на непростувањето, не е најлошото што може да ни се случи. Интимното непростување кое не се гледа надвор од нашата душа, но трае во нас – довчерашните јавачи, е како ’рѓа која се таложи на металот и полека со времето освојува дел по дел од здравиот материјал во нас. Вообичаено има форма на разочарување или огорченост во интимноста на душата и е погубна не само за нашите (твои и мои) односи, туку и за внатрешната состојба на духот.
Поточно, се работи за непростување на себеси. Некако и ќе можам на другиот (тебе) да му простам, да не негувам желба за одмазда, но затоа не си простувам себеси за сите свои форми на несовршеност. Непростувањето на себеси произлегува од чувството на вина поради погрешните наши постапки кон другите или кон себе – заради погрешниот однос кон своите желби и очекувања. И покрај тоа што најчесто ни се случува ненамерно погрешно да постапиме и не знаејќи какви последици од таквото однесување ќе произлезат, сепак, се чувствуваме виновни и себеси се казнуваме со упорно прекорување и омаловажуваме на своето битие. Така создаваме затворен круг: ќе направиме нешто што лично не ни се допаѓа, ќе се осудиме себеси, ќе се нахраниме со своето чувство на не/вредност или безвредност, од каде што почнуваат да се произведуваат нови неуспеси и промашувања.
На другите некако и ќе можеме да им простиме, но најтешко е себеси да си простиме. И нема друг пат. Или себеси ќе си простиме или ќе се удавиме во море на инфериорност. Друг не може да ни потврди дека сме достојни на љубов и почитување.
Кога не се простува, оддалечени сме од доблеста на љубовта. Човекот кој е исполнет со доблеста на љубовта не може да дојде во позиција да простува, затоа што претходно нити осудил нити замерил. Сепак, подобро е да се прости отколку себеси да се мачиш со грижа на совест. Се однесува на обајцата. Да простиш не е чин на волја, а ни чин на заклетва. Простувањето е чин на разбирање на себеси, на мене, на другите и на нашите односи. Ако не се разбираш себеси, не можеш да си простиш.
Така, драг Соселанец... И немој да работиш на поправање на себеси, туку на прифаќање на себеси. Тоа е патот на емоционалната интелигенција.
Јас себеси си простив. А ти, види со себе самиот.
Со почит, Петар од Јована