X
 06.05.2019 Наша тема

Матурант од Струмица го режира, а негови соученици играа во најдобриот краток филм на „Образовно рандеву“

„Не мора да станеш успешен човек, подобро стани човек со вистински вредности“ - ова е пораката од краткиот игран филм „Вистински вредности“, за кој матурантот Коки Ќосев од средното економско училиште „Јане Сандански“ од Струмица ја освои наградата за најдобар филм на фестивалот „Образовно рандеву“. Младинската асоцијација на средните стручни училишта веќе 13 години го организира фестивалот во кој ученици од средни стручни училишта од земјава се натпреваруваат во повеќе категории.
Филмот и фотографијата му се најголема љубов на струмичкиот средношколец. Ова му е трета награда за најдобар краток филм на оваа манифестација. Во претходните две години му беа наградени  „Карма“ и „Изгубено детство“.

Со Коки поразговаравме за тоа како ја добил идејата за филмот. Вели дека сѐ поизразените социјални разлики помеѓу луѓето го измотивирале да се зафати со оваа тема.
- Желбата за брза заработка создава фрустрации и сите како да ги забораваат вистинските вредности во животот - вели тој.
Глумци во неговиот филм се и негови соученици.
- Тие во текот на снимањето знаат да дадат свои идеи, а понекогаш кога не им се допаѓа нешто, знаат и да искритикуваат. Но, тоа секако е позитивна критика - вели Коки.


Коки Ќосев

„Вистински вредности“ не му е прв филм на Ќосев. Ги има снимено „Карма“ и „Изгубено детство“.

- Ми требаше една недела за да го снимам филмот, иако пред тоа имаше подготовки околу сценариото и осмислувањето на сцените. Малку сум перфекционист и знам снимањето на некоја сцена да го повторувам повеќе пати, сѐ додека не го добијам посакуваниот резултат. Околу помошта би ја споменал мојата менторка, професорката Билјана Костадинова, и моите соученици, кои навистина дадоа сѐ од себе за филмот да биде таков каков што е - вели Коки.

Во филмот учествуваат: Јордан Велковски, Кирил Николов, Мартин Ангелов, Дарко Ангелов, Љупче Спасов, Светомир Кујумџиев, Божидар Димитриев, Столе Дончев, Ване Димитрушев и Младен Василев.



Тој се занимава со фотографија и видео веќе осум години и тие се неговата најголема љубов.
Коки учи во четврта година, образовен профил економски техничар. Сега е фокусиран на полагањето матурски испити.
Неговото училиште на последниот фестивал на МАССУМ освои десетина награди.
- МАССУМ е прекрасна можност за нас, учениците од стручното образование да ги искажеме нашите можности и способности на различни полиња. Периодот пред одржувањето на натпреварите училиштето е многу раздвижено и во сите кабинети нешто се подготвува. Имаме максимална поддршка од професорите, кои имаат разбирање за нашиот дополнителен ангажман. На крајот ќе кажам, да, јас сум многу среќен што учам во едно такво опкружување - вели Ќосев.
Иако учи во средно стручно училиште, Коки решил да си ја проба среќата на некој од факултетите за режија во земјава.

Наградена фотографија на Коки
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема