X
 06.06.2026 Живот

Град со 73 милиони жители: кинескиот Гуангџоу е најголемиот на светот, а многумина никогаш не слушнале за него

Што, всушност, го одредува еден град? Иако звучи како едноставно прашање, одговорот воопшто не е лесен. Кога се споредуваат огромни урбани подрачја низ светот, јасно е дека не постои универзална дефиниција за град.

Некаде критериумот се заснова на бројот на жители, некаде на густината на населението, а некаде на поврзаноста на повеќе урбани целини во една голема метрополитенска зона. Затоа, при одредувањето на најголемите градови на планетата се земаат предвид различни фактори - од урбани подрачја и агломерации до огромни конгломерати од населби.

Според податоците на „Енциклопедија Британика“, најнаселениот град во светот е Гуангџоу, кој има повеќе од 73 милиони жители. Овој мегаград се наоѓа во провинцијата Гуангдонг, во близина на делтата на Бисерната Река, на околу 145 километри од Јужното Кинеско Море. Благодарение на својата положба, Гуангџоу со векови бил една од најзначајните трговски точки на Кина.

Сепак, интересно е што за Гуангџоу многу луѓе речиси никогаш не слушнале. Освен љубителите на географијата и светските метрополи, ретко кој спонтано би го навел овој град како најголем на планетата.

Прашањето што се смета за град се менувало низ историјата и се разликувало од држава до држава. Обединетите нации  немаат единствена дефиниција за урбано подрачје, туку ги прифаќаат критериумите што ги користи секоја земја поединечно. Токму поради тоа, разликите можат да бидат огромни. Во САД за урбано место се смета населба со повеќе од 2.500 жители, додека во Перу е доволно местото да има најмалку сто станбени објекти.

Кога се зборува за градовите низ историјата, Рим има посебно место. Во својот врв во 3 век од новата ера бил најголемиот град во античкиот свет. Се простирал на околу десет квадратни километри и имал најмалку 800.000 жители, што за тоа време претставувало неверојатна концентрација на луѓе.

За таков град да може да функционира, Римјаните изградиле импресивен систем на акведукти што носеле вода за пиење од далечни ридови, дури и од над 70 километри оддалеченост. Водата потоа преку сложен систем на цевки и канали се распределувала до куќите низ целиот град. Таквата инфраструктура била толку напредна.

Индустриската револуција целосно го променила начинот на живот на луѓето и го забрзала развојот на модерните градови. Фабриките и новите работни места привлекувале огромни толпи луѓе, па урбаниот начин на живот станал доминантен во голем дел од светот. Во текот на 20 и 21 век се појавиле мегалополиси – огромни урбани целини што се протегаат на десетици километри.

Такви примери постојат на североисточниот брег на САД, во јужна Калифорнија, но и во Јапонија, каде што Токио, Осака и Кјото практично се споени во една голема урбана зона. Слични модели на развој може да се видат и меѓу Лондон и градовите од британскиот Мидлендс, како и во делови од Холандија и централна Белгија.

Посебна категорија претставуваат мегаградовите. Станува збор за метрополитенски подрачја со повеќе од десет милиони жители. Денес ги има на речиси сите континенти освен Австралија и Антарктик. 

Според извештај на Обединетите нации од 2018 година, во светот постојат 33 мегаградови, а во нив живее приближно една осмина од вкупното урбано население на планетата. Се проценува дека до 2030 година бројот на такви градови би можел да порасне на дури 43.

Најголемите меѓу нив, оние со повеќе од 20 милиони жители, често се нарекуваат хиперградови или метаградови и претставуваат најекстремни примери на урбан развој во современиот свет.

Извор: Nova.rs
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот