X
 06.07.2026 Живот

Што се случува ако цел ден сме под клима-уред?

Климатизацијата на просторот стана стандард во современиот живот, особено за време на жешките периоди кои, благодарение на климатските промени, ги има сè повеќе. Но, многу луѓе се плашат од климатизацијата, делумно оправдано, а делумно ирационално. 

Се наметнува прашањето дали климатизацијата е здрава или не и кои стравови се оправдани, а кои не?

За жал, на оваа тема сè уште не се направени доволно научни истражувања, но некои сепак даваат одредени одговори и насоки.

Накратко би можело да се каже дека климатизацијата главно има позитивни ефекти врз здравјето, но дека може да има и негативни, т.е. дека правилното користење на клима-уредите може да ги максимира позитивните, а да ги намали негативните.

Пред сè, треба да се истакне дека екстремните горештини, по екстремните студови, се втората најголема причина за смрт од временски непогоди, поголема од поплавите. Според истражувањето објавено во списанието „Лансет“, меѓу 2000 и 2019 година приближно 489.000 смртни случаи годишно можат да им се припишат на горештините, од кои 45 % се случуваат во Азија, а 36 % во Европа. Со други зборови, климатизацијата буквално спасува животи.

Корист за луѓето со загрозено здравје


Едно од посеопфатните истражувања на тема ефектот на климатизацијата врз здравјето е објавено во списанието „БМЦ паблик хелт“. Во него фокусот бил на влијанието на приспсобувањето на воздухот и температурата преку системите за греење, вентилација и климатизација (ХВАЦ) кај пациенти во болниците.

Севкупно, системот ХВАЦ се покажал како корисен за закрепнувањето на пациентите, особено во контекст на подобрување на виталните знаци, намалување на бројот на случаи на срцев стрес, забрзување на закрепнувањето и зголемување на физичката активност. Згора на тоа, користењето на системот ХВАЦ ја намалило смртноста кај пациентите и го скратило престојот во болница за пациентите со респираторни заболувања.

Ефекти на климатизацијата врз когнитивните функции


Едно истражување за ефектот на климатизацијата врз здрави луѓе, студенти, спровело училиштето за јавно здравје „Харвард Чан“. Тоа покажало дека зголемените температури во просториите без климатизација за време на топлотен бран негативно влијаат врз когнитивните функции кај младите здрави поединци.

Студијата следела 44 студенти од Масачусетс, од кои некои живееле во згради со климатизација, а други без неа пред, за време и по топлотниот бран.

Наодите покажале дека за време на топлотниот бран студентите во зградите без клима-уреди имале полоши резултати на тестовите од студентите во климатизираните спални соби и доживеале пад во пет мерила за когнитивните функции, вклучувајќи го времето на реакција и работната меморија.

Други позитивни ефекти на климатизацијата врз здравјето


Климатизацијата ја одржува телесната температура, што е клучно во влажните и топлите подрачја во светот каде што во текот на летото топлотните удари се голем проблем. Климатизациските уреди со ладење на телото го олеснуваат спиењето. Познато е дека секогаш е попријатно да се спие во поладни соби отколку во топли.

Клима-уредите можат да ја намалат зачестеноста на алергиските реакции бидејќи нивните филтри можат да ги отстранат алергените доколку добро се одржуваат.

Исушување на воздухот


Како што веќе наведовме на почетокот на текстот, климатизацијата може да има и одредени негативни ефекти, особено кај чувствителните луѓе.

Клима-уредите ја намалуваат влажноста на воздухот, што јасно го гледаме по тоа колку вода излегува од нив. Тие го ладат воздухот со помош на испарувачи кои содржат разладно средство. Кога топлиот воздух од просторот поминува преку ладните намотки на испарувачот, влагата од воздухот се кондензира на тие намотки. А сувиот воздух кај чувствителните луѓе може да доведе до сувост на кожата, очите и слузокожата, а во некои случаи и до иритација на дишните патишта.

Освен тоа, луѓето во климатизираните простори често пијат помалку вода бидејќи не чувствуваат жед како на високи температури. Тоа може да доведе до дехидрација, која ќе биде засилена и од сувиот воздух, што пак може да предизвика главоболки, замор и намалување на когнитивните функции. Сувиот воздух може да ја исуши слузокожата на дишните патишта, која нормално служи како бариера против бактерии и вируси, што може да го згомеми ризикот од респираторни инфекции.

Кај лицата со хронични респираторни заболувања, како што се астма и хронична опструктивна белодробна болест (КОПБ / ХОББ), исушувањето на воздухот може да ги влоши симптомите.

Бактерии и мувла


Ако клима-уредите не се одржуваат правилно, во нив можат да се акумулираат бактерии и мувла. Вдишувањето воздух контаминиран со овие микроорганизми може да предизвика респираторни проблеми и алергиски реакции.

Една од бактериските болести која може да се добие преку клима-уредите кои не се одржуваат како што треба е легионерската болест, која ја предизвикува бактеријата Legionella pneumophila.

Таа може да се размножува во водените системи кои се користат за ладење на воздухот, вклучувајќи ги разладните кули и системите за навлажнување на воздухот. Кога контаминираната вода ќе се распрсне во воздухот преку климатизациските системи, бактериите можат да се вдишат, што може да доведе до инфекција.

Но, важно е да се истакне дека легионерската болест најчесто се поврзува со големите системи за климатизација и водените системи во зградите како што се хотели, болници и канцелариски згради. Можноста легионерската болест да се добие преку вообичаените клима-уреди за станови е значително помала.

Нагли промени на температурата

Проблеми може да предизвика и наглата промена на температурата. Наглиот премин од жешката надворешна средина во ладен климатизиран простор може да предизвика стрес за телото, што може да резултира со симптоми како главоболка, замор и болки во мускулите.

Наглата промена на температурата може да биде стресна за кардиоваскуларниот ситем. Лицата со срцеви проблеми можат да почувствуваат влошување на симптомите, како што се болка во градите и отежнато дишење. Високите температури го зголемуваат работењето на срцето и оптоварувањето на крвните садови, што може да биде опасно за лицата со хипертензија или срцеви заболувања.

Правила за користење на клима-уредите


Редовното одржување на клима-уредот е клучно за здравјето. Тоа вклучува чистење или замена на филтрите на секои неколку месеци и професионален сервис најмалку еднаш годишно. Со тоа се намалува ризикот од акумулирање на бактерии и мувла.

Се препорачува поставување на температурата на клима-уредот на ниво кое е неколку степени пониско од надворешната температура, најдобро меѓу 22 °C и 26 °C. Преголемите разлики во температурата можат да бидат стресни за телото.

Во просторите со клима може да биде корисно да се постават навлажнувачи на воздухот за да се спречи сувост на кожата и слузокожата. Важно е да се обезбеди доволен проток на свеж воздух во просториите за да се намали ризикот од акумулирање на штетни гасови и да се подобри вкупниот квалитет на воздухот.

Конечно, воздухот од клима-уредот не би требало да биде насочен директно кон луѓето. Подобро е да се насочи кон таванот или ѕидовите за да се постигне порамномерна дистрибуција на разладениот воздух.

Можеме да заклучиме дека климатизираните простори генерално не се штетни за здравјето. Напротив, можат да бидат корисни за здравјето и можат да спасуваат животи, под услов клима-уредите правилно да се користат и да се одржуваат. Како и кај сите технологии, клучот е во умереноста и правилната употреба.

Извор: index
Фото: magnific
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот