Од Фондот објаснуваат дека избраниот лекар може да наплати 100 денари по посета за укажана здравствена услуга во домашни услови, по препорака на лекар специјалист. Избраниот лекар може да наплати и за апликација на ампуларна терапија во здравствената установа или при домашна посета, односно само за ампула, шприц и игла
Здравствените услуги што луѓето ги добиваат кај матичниот лекар не се наплатуваат, велат од Фондот за здравствено осигурување. Оттаму објаснуваат дека сите прегледи, препишување лекови, издавање специјалистички и лабораториски упати матичниот лекар ги врши без да наплатува партиципација.
- Во примарната здравствена заштита на секое осигурено лице му е дадена можност да користи право на: лекување во ординација, односно во домот на осигуреното лице, здравствени услуги за утврдување, следење на здравствената состојба заради спречување, сузбивање и рано откривање болести, укажување итна медицинска помош, испитувања заради дијагностицирање и лекување според медицина базирана на докази, лекови на рецепт од Листата на лекови, кога е тоа потребно за заштита на здравјето на осигуреното лице - велат од Фондот за здравство.
Избраниот лекар, согласно дозволата за работа издадена од министерот за здравство и договорот склучен со Фондот, може да дава здравствени услуги и надвор од здравствената установа, само кога треба да спроведе домашно лекување по препорака на лекар специјалист или домашна посета.
Од Фондот објаснуваат дека избраниот лекар може да наплати 100 денари по посета за укажана здравствена услуга во домашни услови, по препорака на лекар специјалист.
- Избраниот лекар може да наплати и за апликација на ампуларна терапија во здравствената установа или при домашна посета, односно само за ампула, шприц и игла - велат од Фондот за здравствено осигурување и додаваат дека најчесто за овие услуги матичните лекари не наплатуваат бидејќи сумата за партиципација е мала.
Фото: Фрипик
Според договорот со Фондот, избраните лекари добиваат надоместок или капитација за здравствените услуги.
- Надоместокот за здравствените услуги или капитација што ја добива избраниот лекар од Фондот за здравствено осигурување се определува според бројот и структурата на осигурените лица што го избрале лекарот, според пол и возраст, превентивни мерки и активности што треба да се постигнат од извршената работа од избраниот лекар и дополнителните стимули за обезбедени здравствени услуги на осигурените лица во руралните подрачја. Плаќањето на обезбедените здравствени услуги на здравствената установа за избраниот лекар се врши според бројот на осигурени лица што го избрале лекарот помножен со соодветниот број на поени по возрасни групи и вредноста на поенот за капитација - објаснуваат од Фондот за здравствено осигурување.
Со Правилникот за начин на плаќање на здравствени услуги во примарна здравствена заштита, регулирано е дека во подрачјата каде што домашното лекување го врши избраниот лекар од тоа подрачје, по налог на лекар специјалист, извршените услуги ги обезбедува Фондот и се надоместуваат врз основа на фактура доставена од здравствената установа на избраниот лекар согласно Ценовникот за здравствени услуги.
Согласно Законот за здравствено осигурување, задолжително здравствено осигурување се установува за сите граѓани на земјава заради обезбедување здравствени услуги врз начелата на сеопфатност, солидарност, еднаквост и ефективно користење на средствата под услови утврдени со законот.