Луѓето во иднина ќе се соочат со неизмерно страдање поради климатската криза, освен ако не се направат големи трансформации во глобалното општество, стои во предупредувањето од над 11.000 научници.
- Јасно и недвосмислено се изјаснуваме дека планетата Земја се соочува со климатска итност. За да обезбедиме одржлива иднина, мора да го промениме начинот на живеење. Ова вклучува големи трансформации во начинот на кој нашето глобално општество функционира и комуницира со природните екосистеми - се наведува во извештајот.
Нема време за губење
- Климатската криза пристигна и се забрзува побрзо отколку што повеќето научници очекуваа. Потешко е од предвиденото, им се заканува на природните екосистеми и на судбината на човештвото - велат научниците.
Изјавата е објавена во списанието „Биосајнс“ на 40-годишнината од првата светска конференција за климата, која се одржа во Женева во 1979 година. Изјавата беше соработка меѓу десетици научници и одобрена од дополнителни 11.000 научници од 153 нации. Научниците велат дека итните промени што се потребни вклучуваат запирање на растот на населението, ставање на фосилните горива во земјата, стопирање на уништувањето на шумите и намалување на јадењето месо.
Професорот Вилијам Рипл од Државниот универзитет во Орегон и главен автор на извештајот рече дека бил поттикнат да го иницира предупредувањето поради зголемувањето на екстремните временски услови. Клучна цел на предупредувањето е да се утврди спектар на „витални знаци“ - индикатори за причините и ефектите од колапсот на климата.
- Треба да се следи поширок сет на индикатори, вклучувајќи ги и растот на човечката популација, потрошувачката на месо, загубата на дрвјата, потрошувачката на енергија, субвенциите за фосилни горива и годишните економски загуби по екстремните временски непогоди - рече коавторот Томас Њусом од Универзитетот во Сиднеј.
Фото: Pixabay
Другите длабоко вознемирувачки знаци од активностите на човекот избрани од научниците вклучуваат зголемен број на патнички авиони и раст на светскиот БДП.
- Климатската криза е тесно поврзана со прекумерната потрошувачка на богатиот животен стил - велат тие.
Како резултат на овие човечки активности, постојат „особено вознемирувачки“ трендови на зголемување на температурата на копното и на океаните, зголемување на нивото на морето и на екстремните временски услови, па научниците изјавија:
- И покрај 40 години глобални преговори за климата, со неколку исклучоци, во голема мера не успеавме да се справиме со овој проблем. Особено загрижувачки се потенцијалните неповратни точки на климата. Овие последователни климатски реакции можат да предизвикаат значителни нарушувања на екосистемите, општеството и економиите, што потенцијално предизвикува голем дел од областите на Земјата да немаат поволни услови за живот. Бараме распространето користење на виталните знаци, со што ќе им се овозможи на креаторите на политиките и јавноста да ја разберат големината на кризата, да ги распоредат приоритетите и да го следат напредокот - велат научниците.
- Не треба да сте научник за да ги погледнете графиконите и да откриете дека работите не се како што треба. Но, не е доцна - вели Њусом.
Научниците идентификуваат некои охрабрувачки знаци, вклучително и намалување на глобалната стапка на наталитет, зголемување на сончевата енергија и ветерот и пренасочување на фосилните горива. Стапките на уништување на шумите во Амазонија исто така беа намалени, сè до неодамнешното зголемување по доаѓањето на новиот претседателот Болсонаро.
Тие утврдија серија на итни акции:
- Користете ја енергијата поефикасно и донесете силни даноци за јаглерод за да се намали употребата на фосилни горива;
- Стабилизирајте го глобалното население што во моментов расте со 200.000 луѓе на ден, користејќи етички пристапи како што е подолго образование за девојки;
- Ставете му крај на уништувањето на природата и вратете ги шумите да апсорбираат СО2;
- Јадете растенија и помалку месо и намалете го непотребното трошење на водата;
- Сменете ги економските цели.
- Добрата вест е дека таквите трансформативни промени, со социјална и економска правда за сите, ветуваат многу поголема благосостојба за човекот - велат научниците. Неодамнешниот наплив на загриженост беше охрабрувачки, како глобалните штрајкови на училиштата и тужби против загадувачите,
додадоа тие.
Предупредување за опасностите од загадувањето и наближувањето на масовно истребување на дивиот свет на Земјата беше објавено во 2017 година. Беше поддржано од повеќе од 15.000 научници и прочитано во парламентите од Канада до Израел. Дојде 25 години по оригиналното „Предупредување за човештвото на светските научници“ во 1992 година, во кое се вели: - Потребна е голема промена во нашето управување со Земјата и животот на неа доколку сакаме да избегнеме огромна човечка мизерија.
Рипл вели дека научниците имаат морална обврска да издаваат
предупредувања за катастрофални закани.