Летечки автомобил може да звучи како нешто излезено од научнофантастичен филм, но многу компании што активно работат да го направат реалност. Една од тие компании е „Алеф аеронаутикс“, која неодамна го претстави својот прототип „модел А“ на Саемот за автомобили во Детроит.
Иако не беше прикажано како лета, на Саемот компанијата го покажа елегантниот дизајн на автомобилот. „Моделот А“ е автомобил кој може да се вози, но може и да лета вертикално, дозволувајќи му на возачот да одлучи дали ќе го вози по копно или ќе лета.
На горниот дел од возилото е поставена лесна мрежа од јаглеродни влакна, обвивајќи ги неговите осум пропелери и овозможувајќи проток на воздух.
Овој дизајн прави „моделот А“ да е визуелно сличен на многу модерни спортски автомобили. Автомобилот не е многу голем, така што нема да биде проблем да се паркира во гаража или на паркинг-простор. Овие карактеристики се намерен избор на „Алеф аеронаутикс“ бидејќи компанијата сакаше да направи летечки автомобил што може да се вклопи во постојната урбана инфраструктура.
Со претпродажна цена од 300.000 долари, моделот е наменет за богати технолошки ентузијасти. Но, компанијата веќе бара начини да ја намали цената со второто летечко возило, седан за четири лица. Овој модел нема да биде претставен до 2035 година, но ќе има значително пониска цена - 35.000 долари.
Според основачот и извршен директор на „Алеф“, Џим Духовни, секој може да научи како да управува со возилото за 15 минути или помалку. Во моментов не постои стандардна лиценца за работа со нешто од ваква природа.
НАСА веќе размислува за иднина каде што летечките автомобили и дронови ќе го окупираат небото. НАСА веќе некое време активно работи на „автопат на небото“, но законодавството сепак ќе треба да биде во чекор со технологијата. Во меѓувреме, „Алеф“ ќе продолжи да го усовршува својот прототип бидејќи има цел да ги испорача првите летечки возила „модел А“ до потрошувачите во последниот квартал од 2025 година.
Фото:
Alef Aeronautics