X
 08.10.2024 Живот

Детален преглед: Го оставила возилото на поправка, ѝ го вратиле по цели 11 години

Британската научничка Пенелопе Хорлик доживеала неверојатна сага со својот автомобил „порше 911“ од 1997 година кој го оставила на поправка, а механичарот ѝ го вратил по 11 години.

Окружниот суд во Лондон пресудил дека треба да ѝ се плати отштета од 136.000 евра, откако се докажало дека механичарот никогаш не ја завршил договорената работа.

Сè започнало во 2010 година кога Хорлик го оштетила дното на нејзиното „порше 911 тарга“, модел со 3,6-литарски мотор, удирајќи во дупка. Автомобилот се расипал и од моторот течело масло. Хорлик го ангажирала механичарот Џаџиван Џали, сопственик на „Џеј-џеј енжинеринг“, кој се согласил да ги изврши поправките за 9.000 фунти.

Но, поминале неколку месеци и автомобилот не бил вратен. Механичарот постојано ја одложувал испораката тврдејќи дека е потребен целосен ремонт на моторот и дека Хорлик треба да му плати за дополнителните трошоци и складирањето. Низ годините комуникацијата станала напната, а на крајот од 2014 година сопственичката купила друг автомобил.

Судот пресудил во корист на сопственичката

Во 2022 година Хорлик одлучила да оди на суд со цел да ѝ се врати автомобилот. Неколку дена подоцна Џали го вратил автомобилот, но му недостигале моторот и менувачот, што ја влошило ситуацијата уште повеќе. Поради ова, Хорлик поднела тужба за прекршување на договорот, а судот застанал на нејзина страна, пресудувајќи дека треба да ѝ се плати отштета.

Судот пресудил дека механичарот не си ја завршил работата со разумна грижа и вештина и дека автомобилот никогаш не бил поправен и покрај тврдењата за дополнителна работа. Хорлик сега ја чека дополнителната судска одлука за каматите, правните трошоци и можноста за жалби од страна на механичарот.

Овој случај покажува како една навидум рутинска поправка на автомобил може да се претвори во долгорочна битка со судски епилог.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот