X
 09.02.2019 Живот

На овие локации турбуленциите на авионот се речиси неизбежни

Турбуленциите на авионите воопшто не се пријатни, особено ако имате трема за време на летот или ако ви е мачно. Сепак, кога ќе сфатите што точно се турбуленциите, ќе можете полесно да се подготвите за не толку пријатното летање.

Турбуленциите се како дупка на пат и прилично се безопасни за авионот - можат да погодат кога било, но постојат некои делови од светот каде што е многу веројатно дека ќе искусите турбуленции.

Капетан Стјуарт Кларк е пилот и член на британското Здружение на пилоти, а тој дава објаснување што се тоа турбуленции.

- Големите облаци предизвикуваат турбуленции, а нив најмногу ги има во областите околу екваторот. Преминувајќи преку екваторот, влегувате во метеоролошки појас наречен „Интертропска зона на конвергенција“, кој во зависност од сезоната се поместува малку на север, па малку на југ - вели тој.

Стјуарт раскажува дека тој долго време летал од „Хитроу“ до Јужноафриканската Република и дека постојано наидувал на турбуленции кога стигнувал до екваторот. 

- Временските услови што предизвикуваат турбуленција се резултат на топлиот воздух и ветриштата кои доаѓаат од северната и од јужната хемисфера - објаснува тој.

Пилотот открива и кои се клучните аеродроми во близина на екваторот на кои речиси секогаш е турбулентно:
  • Сингапур;
  • Мајами;
  • Канкун;
  • Бангкок;
  • Јоханесбург;
  • Хонгконг;
  • Мумбај.
Друга област каде што можете да искусите турбуленции е онаа над планинските венци, како Алпите или Пиринеите. Тоа се случува благодарение на „планинските бранови“, кога струењата на ветрот удираат во планините и го попречуваат движењето на воздухот помеѓу нив.

Стјуарт додава дека нема причина да се плашите од турбуленции.

- Само три лица во САД имаат загинато од последици од турбуленциите од 1980 година. Не постои екстремно јака турбуленција - вели тој.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот