X
 09.02.2021 Живот

Трамп се обиде во политиката, Маск испраќа луѓе во вселената, Гејтс го лекува светот. Што ќе прави Безос?

Џеф Безос, до неодамна прв човек на „Амазон“, е последниот во низата најбогати луѓе што одлучија да се оддалечат од водењето на компанијата и да се посветат на други работи.

Пред него истото го направија многу други бизнисмени, посветувајќи се на работи што во меѓувреме ги препознаа како свои страсти.

Така, Бил Гејтс одлучи да го лекува светот, неговиот деловен партнер Пол Ален купуваше спортски клубови, Тед Тарнер пловеше со едрилица, а Доналд Трамп се впушти во политичките води. Но, што планира Џеф Безос, најбогатиот човек на светот? Упатените велат дека планира да ја спаси планетата.

Безос неодамна објави дека ја напушта функцијата извршен директор на гигантот „Амазон“, компанија што ја основа пред 27 години. Неговиот план е да остане извршен претседател на „Амазон“, но повеќе време да посвети на своите страсти поврзани со неговата вселенска компанија „Блу ориџин“ и „Безос ерт“.

Гејтс и Ален ја основале „Мајкрософт“ во 1975 година и ја претворија во водечка компанија за компјутерски софтвер во светот. Гејтс ја напуштил функцијата извршен директор во 2000 година и заедно со сопругата основал фондација посветена на грижата за глобалното здравје. Гејтс се повлекол од функцијата во 2014 година, а го напушти управниот одбор во март минатата година.

gejts
Фото: Instagram

Ален ја напуштил „Мајкрософт“ во 1983 година кога се разболил од рак, но останал во одборот до 2000 година. По напуштањето на компанијата, Ален станал сопственик на спортски тимови; ги купил кошаркарскиот клуб „Портланд трејл блејзерс“ и американскиот фудбалски тим „Сиетл сихокс“. Исто така, бил активен филантроп, донирајќи милијарди долари за медицински истражувања.

Тед Тарнер, компанијата на неговиот татко, ја претворил во бизнис вреден повеќе милијарди долари со лансирање на „Кејбл њуз нетворк“ (Си-ен-ен) и купувајќи клубови: бејзбол-клубот „Атланта Брејвс“ и кошаркарскиот клуб „Атланта Хоукс“. Сепак, пловењето била неговата најголема страст. Како капетан на едрилицата „Корејџос“, во 1977 година ја освоил најпрестижната светска регата, „Купот на Америка“.

Многу милијардери, како Доналд Трамп и Мајкл Блумберг, поради политиката ја напуштија работата.

Трамп победи на претседателските избори во 2016 година, додека Блумберг, основач на компанија за финансиски информации, беше избран за градоначалник на Њујорк дури трипати.

Безос, кој ја основа својата вселенска компанија „Блу ориџин“ во 2000 година, не е единствениот претприемач што ги прошири своите хоризонти надвор од орбитата на Земјата.

Ричард Бренсон, основач на групацијата „Вирџин“, исто така е сопственик на „Вирџин галактик“, компанија за вселенски летови и сака да го направи вселенскиот туризам подостапен за обичниот човек.

Но, кога станува збор за вселената, Безос и Бренсон се многу поназад од вториот најбогат човек во светот, Илон Маск.

mask
Фото: Instagram

Маск го стекнал богатството продавајќи ја компанијата „Пејпал“ на „Ибеј“ во 2002 година. Подоцна ги основал компанијата за електрични автомобили „Тесла“ и соларната електрана „Соларсити“.

Во 2002 година тој ја лансира „Спејс екс“, која стана водечка приватна ракетна компанија. Испраќа комерцијални сателити во вселената и доставува товар до Меѓународната вселенска станица. Минатата година стана првата приватна компанија што лансира луѓе во вселената.

Извор: Biznis.telegraf.rs
Фото: Instagram | Instagram | Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот