X
 09.03.2022 Наша тема

Најдобрата македонска фудбалерка урива предрасуди, сѐ повеќе жени и на зелениот терен

Сонува за место во некој од странските женски клубови и се гордее со тоа што е дел од македонската А-селекција. Паралелно, своето знаење и искуство го пренесува на подмладокот во нејзиниот матичен клуб „Тиверија Струмица“, за што поседува и УЕФА Б-лиценца за тренер на младински категории

Теодора Димоска на 21-годишна возраст игра на позиција напаѓач во македонската женска фудбалска репрезентација. Уште од дете сака да докаже дека фудбалот не е спорт резервиран само за мажите.

Сонува за место во некој од странските женски клубови и се гордее со тоа што е дел од македонската А-селекција. Паралелно, своето знаење и искуство го пренесува на подмладокот во нејзиниот матичен клуб „Тиверија Струмица“, за што поседува и УЕФА Б-лиценца за тренер на младински категории. Покрај тоа што е целосно посветена на фудбалот, Теодора одлучила своето образование да го продолжи на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Таа е студент на Економскиот факултет и е трета година. Се надева дека во иднина ќе може да ги спои спортот и економијата. По потекло е од Македонски Брод, а моментално живее во Струмица и игра за ЖФК „Тиверија“ од Струмица.



- Во сезоната 2015/2016 година бевме шампиони со ЖФК „Драгон“, а исто така го освоивме и купот на Македонија. За истата сезона бев прогласена за најдобра фудбалерка од страна на Фудбалска федерација на Македонија. Во сезоната 2017/2018 го освоивме купот на Македонија со ЖФК „Тиверија“. Во 2020 година освоив трето место за спортист на годината на Општина Струмица. Во 2021 година се стекнав со УЕФА ,Б-лиценца, за тренер на младински категории - вели таа.
За свој најголем успех го смета играњето за сениорската репрезентација на Македонија.

Истрајна и одлучна уште на самиот старт

Уште како мала пројавила интерес за фудбалот. Нејзиниот татко бил тренер и со него постојано била на фудбалските терени. Другото дека дошло само по себе.



- Почетоците во фудбалот ги имав во Македонски Брод. Тоа е мало место, а во тој период кога почнав да тренирам, луѓето воопшто не веруваа дека едно девојче навистина може да се носи во фудбалот заедно со момчињата. Се соочував со негативни размислувања од многумина, на пример, зошто од толку спортови сум го избрала токму фудбалот. Дека нема успех во фудбалот за девојчињата, дека тие не се доволно силни да издржат сѐ што носи фудбалот и слично - објаснува младата фудбалерка.

Почнала да тренира со машки, а токму од нив ја добивала почетната поддршка.

- Момчињата секогаш ми укажуваа на грешките и ми помагаа да бидам подобра. Иако имаше и такви што не веруваа во мене и постојано се обидуваа да докажат дека девојчињата не се за фудбал - низ смеа вели таа.

Родителите, пак, свесни за состојбата со женскиот фудбал во земјава, повеќе навивале таа да се обиде во ракометот, но со текот на времето ја виделе нејзината посветеност кон фудбалот и ја поддржале во одлуката.



Сега тренира еднаш или двапати дневно. Откако станала тренер на младите, постојано е на терен, без разлика дали таа тренира или ги обучува младите.

- Колку повеќе ќе се посветиш на она што го работиш, толку се поголеми можностите за нови успеси. Кога тренираме по два пати на ден, стануваме рано, одиме на првиот тренинг, а потоа се одмараме до следниот тренинг. Тоа е период кога е потребна целосна посветеност, концентрација и сила да се издржи - објаснува таа.
Според неа, спортот е нешто кон кое ако се насочиш, тешко е да се откажеш.

- Поради тоа, планирам и во иднина да се занимавам со фудбалот, без разлика дали тоа ќе биде како играч или тренер - додава младата спортистка.

Се бориме во „машкиот“ спорт

Уште од самиот почеток во женскиот фудбал, таа постојано се бори со стереотипите дека фудбалот е само машки спорт.

- Но, се обидувам да им покажам, пред сѐ, на родителите на девојчињата дека ние, фудбалерките, остануваме девојки и се бориме како девојки во ,,машкиот“ спорт. За таа цел, постојано посетуваме училишта, работиме разни проекти за привлекување на девојките да спортуваат, учествуваме на разни семинари со цел да го подигнеме женскиот фудбал на едно повисоко ниво и да докажеме дека и женските можат - вели таа.



Според неа, денес девојчињата многу повеќе се заинтересирани да играат фудбал, а доказ за тоа е што бројот на фудбалерки постојано се зголемува.
Димоска вели дека сон на секоја девојка што се занимава со женски фудбал е да игра за некој голем клуб.

- Мојот сон е женскиот фудбал во Македонија да го подигнеме на повисоко ниво. Да може секое девојче и тука да успее. Да не мора секогаш да одиме во странство за висок успех, туку тоа да го постигнеме и во нашата земја - објаснува таа.

Фудбалерката Наташа Андонова, која моментално игра за клубот „Леванте“ во Шпанија и е капитен во женската А-репрезентација, е нејзин идол.

- Во Македонија е тешко да успеат жените спортисти бидејќи лигите што се играат се аматерски. Спортистите не се осигурени, а финансискиот дел за женските екипи е голем проблем зашто фирмите одлучуваат повеќе да ги спонзорираат машките екипи - објаснува Димоска.
Посочува дека голем проблем за девојките е тоа што по 18-тата година се откажуваат од спортот и се насочуваат кон завршување факултет или вработување.

- Голем дел од девојките истовремено и работат и учат факултет, што дополнително го отежнува успехот во спортот - заклучува Димоска.

Спортот му е потребен на секој млад човек

Посочува дека е важно еден млад човек да се занимава со спорт. Првата причина, според неа, е здравјето, бидејќи смета дека оние што спортуваат се карактеризираат со подобро здравје за разлика од оние што не спортуваат.



- Тука е и расположението, бидејќи тренингот помага да се оттргнеме од проблемите и да ја ослободиме негативната енергија. Спортувањето му овозможува на секој спортист подобро да се справи со различни ситуации, да биде силен и да може да поднесе и пораз и победа. Спортот го подобрува физичкиот изглед, но пред сѐ спортот ни овозможува да стекнуваме пријатели во и надвор од нашата земја - објаснува таа.

На оние што се занимаваат со спорт им порачува да бидат упорни, да се посветат на она што сакаат да го постигнат, колку и да паѓаат, секогаш да се кренат и да се стремат кон успех.
- На оние што не се занимаваат со спорт им порачувам да почнат, зашто спортот обединува. Преку спортот се учи како да се соочиме со неуспех или пречка во животот, меѓутоа, и да уживаме во успехот - заклучува Димоска.

Фото: приватна архива
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема