X
 27.05.2026 Наша тема

Тодор Санев, најдобар млад инженер: „Иднината ќе бара инженери кои освен што ќе градат, ќе размислуваат и за одржливост и екологија“

Инженерската институција на Македонија го избра Тодор Санев за најдобар млад инженер, а оваа награда се доделува за посветеност, иновативност и значаен придонес во областа на инженерството.

Ова признание не само што ја вреднува досегашната работа на наградените, туку и ги мотивира да продолжат со уште поголем ентузијазам и амбиција во својата кариера.

-Оваа награда за мене претставува огромна чест. Особено ми значи што наградата доаѓа од инженерската фела и од луѓе кои знаат што значи да се биде инженер. Во нашата професија нема краток пат до успехот. Потребна е дисциплина, континуирано учење и одговорност. Ова признание не го гледам само како личен успех, туку и како мотив за сите млади луѓе што сакаат да успеат во инженерството. Доаѓам од Македонија, а денес сум дел од големи меѓународни проекти во офшор индустријата и обновливите извори на енергија. Тоа покажува дека со голем труд, посветеност и верба во себе, можеш да достигнеш далеку без разлика од каде доаѓаш. За мене, ова е само дополнителна мотивација да продолжам да се развивам, да учам и да работам на уште поголеми и повлијателни проекти во иднина - вели Тодор Санев за Факултети.мк.

Интересот за инженерството му се појавил уште пред да започне со студиите и открива дека отсекогаш бил љубопитен како функционираат големите конструкции, инфраструктурни објекти, механизацијата и целата логика зад нив.



- Ме привлекуваше тоа што инженерството не е само теорија, туку професија каде што со знаење можеш реално да создадеш нешто што ќе остане зад тебе и ќе има влијание врз луѓето и општеството. Во текот на студиите имав периоди кои беа навистина предизвикувачки, но токму тие моменти најмногу ме изградија како личност. Инженерските студии бараат дисциплина, истрајност и многу работа. Научив дека успехот не доаѓа преку ноќ и дека континуитетот е најважен. Најголем впечаток ми остави чувството кога теоретските работи што ги учевме почнаа да добиваат практична примена. Тоа е моментот кога сфаќаш дека инженерството е многу повеќе од формули и пресметки, туку е начин на размислување, анализа и решавање проблеми. Студиите, исто така, ме научија како да работам под притисок, да функционирам во тим и постојано да се адаптирам - ги пренесува своите студентски искуства Санев.

Во неговата струка, без добра теоретска основа, инженерот не може да носи сигурни и одговорни одлуки. Сепак, практиката е она што те прави комплетен инженер, смета тој.

- Во реалните проекти секогаш постојат ситуации кои не можеш целосно да ги научиш од книга. Работата на терен, координацијата со различни тимови, непредвидливите услови, временските ограничувања и носењето брзи одлуки се дел од секојдневието. Во офшор индустријата, каде што работам во моментов, тоа особено се чувствува. Работиме на море, со големи операции, тешки подигнувања и комплексни процедури каде што секој детал е важен. Таму сфаќаш колку е битно инженерот да биде смирен, организиран и способен брзо да реагира. Затоа не би рекол дека едното е поважно од другото. Теоријата ти дава знаење, а практиката ти дава искуство и зрелост. Најдобриот инженер е оној што знае како правилно да ги комбинира двете - истакнува младиот инженер.



Тодор во моментов работи на најголемиот офшор ветропарк, односно, Hornsea 3 проектот во Европа, поврзан со инсталација на темели и секундарни челични конструкции за ветерни турбини. Проектот е дел од енергетската транзиција и развојот на обновливите извори на енергија, што го прави уште позначаен.

-Работам како дел од интернационален инженерски тим, каде што секојдневно сме вклучени во планирање, инженерски анализи, координација на операции и подготовка на сложени офшор активности. Работата опфаќа многу различни аспекти, од инженерска документација до реална изведба на операции на самите бродови. Она што е особено важно кај ваквите проекти е што секој ден носи нови предизвици. Работиме со огромна опрема, тешки подигнувања и операции каде што безбедноста е апсолутен приоритет. Потребна е голема координација помеѓу различни компании, инженери, членови на екипаж и клиенти. За мене, ова претставува огромно професионално искуство бидејќи имам можност да работам со врвни светски компании и инженери, но и да бидам дел од проекти кои директно придонесуваат за поодржлива иднина - истакна Тодор.

Научниците одговараат на прашања за светот кој постои, а инженерите креираат опиплива иднина. Инженерството е една од професиите што директно ја обликуваат иднината.

- Секој мост, зграда, инфраструктурен систем, енергетски проект или технологија започнува со нечија инженерска идеја. Токму тоа е најубавото кај оваа професија, чувството да создаваш нешто што има вистинско влијание. Мојата цел е постојано да напредувам и да бидам дел од мегапроекти кои имаат долгорочна вредност, комплексна инженерска суштина и реално влијание врз иднината и развојот на современото општество. Верувам дека иднината ќе бара инженери кои не само што ќе градат, туку и ќе размислуваат за одржливост, екологија и подобар начин на живот. Покрај професионалниот развој, сакам еден ден и лично да придонесам преку сопствени идеи и проекти. Имам интерес за екопроекти, одржлив развој и иновативни концепти кои би можеле да создадат нешто позитивно и во нашата земја. За мене, успехот не е само кариера или позиција, туку чувството дека си оставил нешто вредно зад себе - потенцира Санев.

Запрашан дали може млад инженер да ја гради својата иднина во Македонија, Санев смета дека тоа зависи од личната амбиција, професионалната визија и подготвеноста на секој млад инженер континуирано да инвестира во сопствениот развој. Со јасна цел и дисциплина, успехот е достижен независно од околностите и локацијата.



-Секако, факт е дека голем број млади инженери својата професионална надградба ја бараат надвор од Македонија, најчесто поради можноста за работа на поголеми и покомплексни проекти, пристап до современи технологии и побрз професионален развој. Сепак, тоа не значи дека иднината не може да се гради од Македонија. Со правилни професионални контакти, квалитетна мрежа, континуирано усовршување и јасна визија, секој млад инженер може да создаде сериозна кариера и да биде конкурентен и на меѓународно ниво. Најважно е да не се изгубат континуитетот и вербата во сопствената визија. Денешниот инженерски свет е глобално поврзан, што овозможува стекнување интернационално искуство, работа на светски проекти и истовремено задржување на поврзаноста со сопствената држава. Верувам дека Македонија располага со квалитетен и перспективен инженерски кадар, а со поголема поддршка, инвестиции и отворање нови можности, младите инженери би можеле значително повеќе да придонесуваат и во развојот на домашната индустрија и инфраструктура - смета младиот инженер.

Тодор Санев во блиска иднина се гледа како инженер кој ќе продолжи да расте и професионално и лично ниво, преку работа на сè поголеми, покомплексни и повлијателни мегапроекти.

- Амбицијата отсекогаш ми била да не останам во зоната на комфорот, туку постојано да се надградувам, да преземам поголема одговорност и да бидам дел од проекти кои оставаат реален траг, вредност и убавина. Сакам да продолжам да се движам кон повисоки инженерски и менаџерски позиции, каде што освен техничкото знаење, ќе можам да придонесам и преку лидерство, организација и носење важни одлуки во комплексни интернационални проекти. Посебно ме мотивира можноста да работам во средина каде што секојдневно се учи, се решаваат големи инженерски предизвици и се работи со врвни професионалци од целиот свет. Истовремено, имам силна желба еден ден да создадам и сопствени проекти и идеи поврзани со одржливост, иновации и развој, каде што би можел да го спојам инженерството со претприемништвото и личната визија за иднината - ги откри своите планови и амбиции младиот инженер Тодор Санев.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Наша тема