Поранешната македонска репрезентативка и една од најдобрите кошаркарки на овие простори, Јелена Антиќ, по богатата и трофејна 17-годишна кариера како играч почна да освојува трофеи и како тренер. Последните две сезони Антиќ е асистент во германскиот тим Рутроник Старс Келтерн, со кој ја освои шампионската титула во германското првенство, втора во низа.
Јелена Антиќ ја почна својата играчка кариера во тимот Младинец. За брзо време се пресели во САД каде што настапуваше прво за екипата на средното училиште „Либерти Академија“, а потоа и за Универзитетот „Либерти флејмс“. По враќањето од САД го облече дресот на белградски Партизан, каде што мина три сезони, а потоа играше и за Радивоје Кораќ (Србија), Макаби Ашдод (Израел), Сарагоса (Шпанија), ЦСУ Алба (Романија), Намур (Белгија), Чата (Унгарија), македонски Баскет Кам и Замора (Шпанија). Зад себе има три шампионски пехари, исто толку трофеи во Купот на Србија и во женската АБА-лига, сите освоени во дресот на Партизан.
И нејзината тренерска биографија е импресивна. Јелена беше дел од стручниот штаб на српската репрезентација, каде што соработуваше со Марина Маљковиќ, работеше и во стручниот штаб со македонската женска сениорска селекција, го предводеше и женскиот национален тим до 18 години и до 20 години. Пред да ѝ се приклучи на германската екипа, Јелена работеше во Академијата на Нотигем Вајлдкетс со кошаркарскиот тим У20.
Имаше само 15 години кога си замина од дома за да го следиш својот сон. Се исполни ли тој сон?
- Сонот се менува додека растеш. На 15 години мислиш дека целта е само да „успееш“ - да стигнеш некаде, да докажеш нешто. А кога навистина ќе почнеш да го живееш тоа за што си сонувал, сфаќаш дека секој исполнет сон отвора нов. Така што… да, дел од сонот се исполни. Но најубавиот дел е што постои глад за повеќе - да растеш, да создаваш, да оставаш трага и да уживаш во патот, а не само во целта.
Што ти даде тебе кошарката, а што ти неа?
- Кошарката ми даде дисциплина, карактер, посветеност и луѓе што засекогаш остануваат дел од мене. Ме научи како да станам после пораз, како да бидам тимски играч и како да верувам во себе и кога никој друг не верува. А што ѝ дадов јас? Срце, време, жртва и љубов без услови. Секој тренинг, секоја болка и секое откажување од нешто друго беа начин да ѝ вратам за сè што ми дала. А денес, преку тренерската работа, се обидувам да вратам уште повеќе - да пренесам дел од искуството, знаењето и лекциите што ги научив низ сите аспекти на играта, но и животот како професионален играч, на новите генерации играчи.
Од која страна е подобро или постресно – на теренот или покрај аут-линијата?
- И двете страни носат свој притисок, само на различен начин. На теренот живееш во моментот - реагираш инстинктивно, ја трошиш енергијата физички и емоционално. Покрај аут-линијата стресот е поинаков затоа што носиш одговорност за цел тим, мораш да размислуваш неколку чекори однапред и да останеш смирен дури и кога „гори“. Како играч го чувствуваш товарот на себе, а како тренер го чувствуваш товарот за сите. И можеби токму затоа тренерската страна знае да биде потешка.
Можеш ли да одвоиш најубав момент во кариерата?
- Тешко е да се одвои само еден момент, но има два што засекогаш ќе ги паметам. Првиот беше освојувањето на титулата во Шведска како аутсајдери. Таа сезона ја играв можеби и најдобрата кошарка во кариерата - слободно, со самодоверба и со екипа во која сите се поддржувавме и се туркавме напред без себичност. Имавме заедничка цел и сите бевме подредени на тимот и на освојувањето на титулата. Токму таа хемија, вербата една во друга и чувството дека никој не е над тимот ја направија таа титула уште повредна. Вториот момент беше кога потпишав за Висла Краков и заиграв во Евролига. Првиот натпревар против Екатеринбург, против некои од најголемите имиња од WNBA и европската кошарка, е нешто што никогаш нема да го заборавам. Самото претставување пред почетокот на натпреварот ми создаваше морници и тогаш сфатив дека сум дел од сцената за која сум сонувала уште како дете.
Како се гледа на женската кошарка кај нас, а како во Германија?
- Разликата најмногу се чувствува во системот, условите и почитта кон спортот. Кај нас има талент, има деца што искрено ја сакаат кошарката, но женската кошарка сè уште се бори за поголема поддршка, подобра организација и континуитет. Често многу работи зависат од ентузијазмот и жртвата на поединци - играчи, тренери и луѓе што го туркаат спортот од љубов. Во Германија женската кошарка се гледа попрофесионално. Играчите имаат подобри услови за работа, поголема организациска стабилност и јасна структура за развој. Се вложува повеќе во младите категории, во маркетингот и во самата видливост на лигата и клубовите. Исто така, спортистите таму добиваат и поголема почит за тоа што го работат. Но мислам дека кај нас, токму поради сите предизвици, играчите често развиваат посебен карактер, борбеност и љубов кон играта што не може лесно да се научи.
Колку со твоето знаење и завидна кариера како еден од најдобрите играчи придонесе младите девојки во Македонија да се заинтересираат за кошарката?
- Се надевам дека барем малку сум придонела. Ако некоја девојка преку мојата приказна, кариера или начин на работа добила храброст да почне да тренира, да верува повеќе во себе или да сфати дека и од Македонија може да се стигне на голема сцена - тогаш тоа има огромна вредност за мене. Низ годините сфатив дека влијанието не е само во натпреварите и титулите, туку и во примерот што го оставаш зад себе. Затоа денес, преку тренерската работа и контактот со младите, се обидувам да им пренесам не само кошаркарско знаење, туку и работни навики, дисциплина, самодоверба и љубов кон спортот.
Во однос на твоето искуство во САД, дали тој систем на образование и спорт може да се имплементира кај нас?
- Искрено, мислам дека е тешко тој систем целосно да се имплементира кај нас затоа што не верувам дека може едноставно да се преслика. Во САД спортот и образованието функционираат како едно, со огромна организација, ресурси и поддршка уште од најмала возраст. Кај нас условите, системот и начинот на функционирање се многу поразлични, па затоа мислам дека некои работи би било тешко да се спроведат на ист начин. Но, секако дека можеме да земеме позитивни примери - особено во дисциплината, организацијата и грижата за развојот на младите спортисти, и да се обидеме да ги приспособиме на нашата средина.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.