На 8 септември ќе стартува масивен и контроверзен систем за чистење на пластиката во Тихиот Океан. Целта на системот, создаден од организацијата „Оушн клинап“ (Чистење на океанот) е да се отстрани пластичниот отпад од Големиот пацифички тепих од отпад, кој се проценува дека е со површина трипати поголема од онаа на Шпанија и повеќе од двапати од онаа на Турција или Тексас.
Тој отпад ги уништува екосистемите од кои зависат луѓето и успева да стигне и до синџирот на исхрана, предизвикувајќи рибите да апсорбираат хемикалии кои ја контаминираат морската храна што ја консумираме.
Но, иако справувањето со пластиката е итно, некои експерти велат дека плановите на организацијата нема да имаат ефект и може да предизвикаат повеќе штета отколку да бидат корисни.
Минатата година Бојан Слат, основач на организацијата, кој има само 24 години, истакна дека верува оти нивните системи би им овозможиле во првите пет години да исчистат половина од отпадот. На крајот системот би се состоел од најмалку 60 состави.
Сепак, според анкета спроведена меѓу 15 експерти за пластика во океаните, направена од страна на истражувачот Дејвид Шифман, не е веројатно масивни пловечки направи да исчистат значителни количини пластика без да предизвикаат штета на морскиот живот и потенцијално да додадат уште повеќе отпад. Повеќето од тие експерти биле сериозно загрижени за проектот.
Со текот на годините плановите на „Оушн клинап“ драматично се променија. Оригиналниот концепт на Слат вклучуваше усидрување на замка која би собирала пластика на дното од морето, нешто за што многу научници рекоа дека е неверојатно да се направи.
Фото: Science Alert
Организацијата сега вели дека сфатила оти подводните сидра нема да бидат стабилни, па новите состави се со поинаков дизајн: речиси 60 метри долга заоблена шипка која би пловела на површината на водата без да биде закотвена, а би имала триметарска мрежа за да ја заробува пластиката под водата.
Ова би требало да овозможи системот поефикасно да ја лови пластиката за бродовите да можат да ја собираат на неколку месеци и да ја носат на брегот за рециклирање. Но, бидејќи дизајнот на системот се промени неколку пати, тешко е да се дознае колку добро ќе ја собира пластиката штом ќе биде целосно функционален.
- Како и со секоја нова технологија, успехот не е загарантиран, но ова е така зашто одново и одново вршиме тестирања. Додека не се отстранат и последните ризици и несигурности, „Системот 001“ ќе се нарекува бета-систем - истакна портпаролот на групата.
Дизајнот би можел да се менува и во иднина.
Некои истражувачи се загрижени дека рибите би можеле да се заглават во отпадот, но од организацијата велат дека системот е дизајниран да се движи бавно, давајќи им време на животните да избегаат. Оттаму велат дека пластиката ќе се отстранува периодично и луѓето секогаш ќе проверуваат дали има заробени риби пред да ја однесат пластиката.
Дури и ако успеат да исчистат дел од пластиката, рециклирањето ќе биде
проблем.