X
 09.08.2021 Живот

Како функционираат потврдите за вакцинација во другите држави?

Сè повеќе земји воведуваат ковид-пасоши и други потврди за вакцинација за да ги отворат границите и да го контролираат ширењето на коронавирусот. Овие пасоши и потврди најчесто се достапни преку апликација на телефон или во печатена верзија. Еве како ги користат ковид-пасошите некои од земјите низ светот.

Обединето Кралство

Во моментов, во земјата не се бара потврда за вакцинација во затворени простории како ноќни клубови, но премиерот Борис Џонсон изјавил дека планира да воведе мерка со која влезот во местата на кои се собираат многу луѓе ќе им биде дозволен само на оние што се вакцинирани. Планот е да се воведе оваа мерка до крајот на септември.

Според оваа мерка, луѓето ќе докажуваат дека се вакцинирани преку апликација, која се користи и од страна на граѓаните што патуваат.

Европска Унија

Ковид-пасошот се воведува во сите 27 земји-членки и Швајцарија, Исланд, Норвешка и Лихтенштајн. Граѓаните може да го преземат или да добијат печатена верзија, а потврдата се добива доколку сте биле вакцинирани, имате негативен резултат од тест направен неодамна или неодамна сте ја прележале болеста.


Фото: Pixabay

Франција

Во земјата се обезбедува потврда со која граѓаните може да влезат во ресторани, барови, авиони и возови. Во моментов, потребна е потврда за вакцинација или негативен тест за ковид-19 за присуство на настани со над 50 луѓе.

Израел

Во Израел, граѓаните покажуваат дека се вакцинирале или неодамна прележале ковид-19 со потврда. Оваа потврда се бара за одење на големи настани и влез на јавни места како спортски сали, теретани, ресторани, туристички атракции и цркви.

Кина

Кина воведе систем со QR-кодови со кој граѓаните се ставаат во категории. Зелената категорија им овозможува слободно движење, а жолтата е за оние што треба да се изолираат. На многу јавни места во Кина се бара овој код за влез.

Во март Кина воведе и дигитален сертификат кој го покажува статусот на вакцинација или резултатите од тестирањето на жителот.

САД

Во април Белата куќа гласаше против воведување ковид-пасош, но некои сојузни држави имаат сопствени апликации за вакцинација. Калифорнија бара од сите здравствени работници и државни службеници да покажат доказ за вакцинација или да се тестираат секоја седмица.

Австралија

Државата има дигитален сертификат, но тој не е задолжителен. Министерот за туризам, Дан Техан, изјавил дека ковид-пасошот би им овозможил на луѓето да патуваат преку граници дури и кога има строги мерки, а очекува поголемата слобода да ги поттикне граѓаните да се вакцинираат помасовно.

Извор: BBC 
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот