X
 09.10.2018 Технологија

Продавници на иднината: Работат во недела и нема вработени

Замислете свет во кој никогаш нема да мора да чекате во ред, па дури ни да го отворите вашиот паричник. Свет во кој продавницата толку знае за вас, што дури и може да ви предложи што да купите или да ве однесе директно до тие производи. И свет во која кражбата е речиси невозможна.

Иднината на малопродажбата е пред вратите и доаѓа од компанијата „Амазон“. Нeјзините продавници „Амазон Гоу“ се вистински пример за модерни и елегантни продавници, со минималистичко уредување во кое со звуците на пријатната музика купувањето се чини како одење во велнес-центар.

1
Фото: Reuters


Во ваквите продавници од иднината нема продавачи, касиери, ниту каси. Купувањето е едноставно - влегувате, го земате она што ви е потребно и излегувате надвор. „Амазон“ ќе ви го наплати купеното преку картичка, а преку апликација на паметниот телефон ќе ја добиете сметката, но и детали за тоа колку време сте поминале во продавницата.

За повеќето од нас, ваквите продавници се чинат како нешто за кое можеме само да сонуваме. Засега тоа е така со оглед на тоа што вакви продавници може да се најдат само во Сиетл и Чикаго. Нови продавници наскоро треба да се отворат во Њујорк и во Сан Франциско, а долгорочниот план е да се отворат нови 3.000 до 2021 година. Целта на овие продавници е да се подобри искуството во купувањето, кое зависи од софистицираниот софтвер и вештачката интелигенција.

- „Амазон Гоу“ го заменува сето она што претходно се користело - вели Марк Коен од Бизнис-школата во Колумбија.

Пред да почнете да купувате во овие продавници, потребно е да инсталирате апликација и да се логирате на „Амазон“. При влегувањето во продавницата потребно е да скенирате персонализиран баркод со апликацијата. Стотици камери го следат секој ваш чекор и што ставате во кошницата. Настануваат тродимензионални слики со кои „Амазон“ ве препознава и гледа случајно да не дојде до замена со личноста пред вас или со некој потенцијален крадец.

2
Фото: Reuters


„Амазон“ вели дека овие податоци ги задржува кратко - колку само да овозможи подетална потврда, но дел од тоа може и да остане зачувано во нивната база на податоци доколку е потребно да се креираат идни алгоритми. Нивните софтвери се доволно софистицирани за целосно да ги разликуваат производите што ги купувате, а пакуваната храна, како сендвичи, салати и друго, на пакувањето има посебни кодови со чија помош софтверот препознава што сте купиле. На секоја полица има сензори за тежина по кои точно се знае што сте зеле од нив или што сте вратиле на нив, ако случајно сте се премислиле.

Ништо нема да ви се наплати до моментот на излегување од продавницата, а ако е нешто погрешно, ќе ви се вратат парите.

„Амазон“ не сака да даде многу детали за својата технологија за да го заштити овој револуционерен начин на купување.

4
Фото: Reuters


На прв поглед се чини дека е лесно да се измами ваков систем, но кога се обидел да направи нешто новинарот од Си-ен-ен, открил дека и не е баш многу лесно. Тој шетал низ продавницата, се обидел да ја збуни вештачката интелигенција, ги покривал кодовите, поставувал прашања, им вртел грб на камерите, ги криел своите чекори. Во моментот кога помислил дека нашол слаба точка на системот, излегол од продавницата.

Поминуваа минути, а не му пристигнала сметка. Сепак, за брзо време, преку апликацијата, му стигнала сметка од 11.68 долари. На сметката пишувало дека во продавницата поминал 53 минути и 33 секунди.

5
Фото: Reuters


На вакви продавници „Амазон“ почнал да работи пред 5 години со желба да го елиминира сето она што купувачите не го сакаат кога купуваат и сакаат да го избегнат.

- Она на кое постојано се враќавме беше тоа дека луѓето не сакаат да чекаат во редови - изјави Дилип Кумар, потпретседател на „Амазон Гоу“.

И големиот конкурент на „Амазон“, „Волмарт“, го најави своето партнерство со „Мајкрософт“. „Волмарт“ објави малку детали од кои е јасно дека планира да ѝ конкурира на „Амазон“.

Овој пример ќе го следат и други бидејќи на крајот ќе им остане еден избор. Или да се приспособат на иднината на продавниците или да ризикуваат целосно да бидат уништени.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија