Франц Кафка не е познат по љубовните приказни. Напротив. И кога се појавува во неговите дела, љубовта не е чувство кое носи спас, туку само уште една потврда на егзистенцијалната тешкотија во која на човекот не му останало многу надеж.
„Да не ја сретнев“ е кратка приказна која зборува за еден маж и неговата немоќ да оствари однос со жената што ја сака. За еден тип мажи, подобро кажано. Тип кој не сакате да го сретнете бидејќи колку и да го сакате, тој тоа нема да ви го дозволи зашто не умее. А можеби, од друга страна, баш и сакате да го сретнете бидејќи има ли нешто поубаво од потсетувањето на грешката што никогаш нема да ја
повторите?
Да не ја сретнев
Ја сакам и не можам да разговарам со неа, ја следам за да не ја сретнам.
Сакав девојка која ме сакаше, но морав да ја оставам.
Зошто?
Не знам. Тоа беше како да е опколена со војници кои ги држеа копјата вперени нанадвор. И кога би ѝ се приближил, би налетал на шилци, би бил ранет и би морал да отстапам. Многу страдав.
Дали девојката воопшто беше виновна за тоа?
Не верувам, или дури сум и сигурен дека не. Споредбата од пред малку не беше целосна бидејќи и јас бев опколен со војници што ги држеа копјата вперени навнатре, имено кон мене. Кога и да ѝ се приближев на девојката, налетував пред сѐ на копјата од своите војници и уште тука моето напредување беше запрено. Можеби до војниците на девојката никогаш не ни стасав, па ако требаше да допрам, тогаш тоа веќе беше крвавејќи од своите копја и без свест.
Дали девојката остана сама?
Не, некој друг продре до неа, лесно и без да биде спречен од нешто. Исцрпен од сопствените настојувања, гледав на тоа онака рамнодушно како да сум воздух низ кој нивните лица се приближија едно до друго во првиот бакнеж.