X
 10.10.2023 Наша тема

По скалилата на успехот со диџеј Александар Галоски: „Беше потребно многу време, труд и одбивања пред да почнам да ги добивам признанијата и успесите што ги имам денес“

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Моментално сум фокусиран на развивање нови музички проекти и на соработка со други уметници и креатори. Одвреме-навреме работам и на едукативни проекти, подучувајќи млади уметници и обучувајќи ги во различни аспекти на музичката индустрија. Најмногу ме мотивира желбата за креација и изразување преку музиката. Неизмерно е задоволството кога креирам нешто уникатно и гледам како мојата уметност влијае врз луѓето, вели Галоски

Александар Галоски е наш успешен диџеј и продуцент. Светските настапи на најпопуларните фестивали на електронска музика се дел од неговото богато портфолио. Пред неколку години влезе во историјата како прв артист од Македонија што се рангира на елитната и светска 1001 траклист, и тоа на 69. место, меѓу најдобрите продуценти и најподдржани артисти за електронска музика во светот. Тој е еден од ретките балкански артисти што имаат милионски преслушувања на музичката стриминг-платформа „Спотифај“, а листата со неговите настапи низ светот е долга: Норвешка, Полска, Холандија, Тајланд, Украина, Албанија, Бугарија, Сингапур...

Со Александар разговараме за неговите почетоци, студентските денови и скалилата на неговиот светски успех.



„Make That Body Move“ - клучен момент во мојата кариера


Студирал на Факултетот за современи науки и технологии/компјутерски науки на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. За овие студии се одлучил поради љубопитноста кон информатиката, а и позитивно му влијаел неговиот најдобар пријател.

- Моето портфолио е претежно од музичката индустрија, како музички продуцент и артист на електронска музика. Од самите почетоци издавав музика за врвни издавачки куќи, како Универзал мјузик, Армада мјузик и Спинин рекордс. Имам работено како музички продуцент и на аудиозаписи за компании како Ем-ти-ви, „Јагуар“, „Кока-Кола“ и други поголеми светски брендови. Моментално сум менаџер на издавачка куќа, а и сопственик на маркетинг-агенција за музички изданија - раскажува Галоски.



Вели дека неговата кариера кон овој сегмент од уметноста почнала од љубовта кон електронската музика и љубопитноста како таа се создава.

- Започнав со издавање музика на издавачката куќа „Армада мјузик“ на Армин ван Бурен, кој е еден од најголемите светски диџеи. Во почетоците се занимавав исклучиво со музичка продукција за себе и за клиенти од кои доста научив. „Make That Body Move“ дефинитивно беше клучен момент во мојата кариера. Тоа беше проектот кој ми ги отвори вратите кон светот на електронската музика на начин што ни еден друг проект не успеа. По неговото издавање, големите издавачки куќи почнаа активно да ме бараат и да покажуваат интерес за мојата музика, што беше прекрасно признание за мојата уметност и труд - раскажува тој.



Самомотивацијата и самоподдршката се клучни

На прашањето што одигра клучна улога во неговата кариера, односно на што го препишува сопствениот успех, тој вели:

- Сето тоа е комбинација на различни фактори. Верувам дека мојата страст и љубов кон музиката беа клучни за мојот развој и успех. Без таа вистинска страст немаше да имам мотивација да се посветам на мојата уметност и да работам напорно секој ден. Образованието, исто така, играше значајна улога. Со учењето нови вештини и техники успеав да ја проширам и да ја развијам мојата музичка способност и креативност. Се разбира, упорноста и амбицијата беа клучни за мојот успех. Беше потребно многу време, труд и одбивања пред да почнам да ги добивам признанијата и успесите што ги имам денес. Имаше многу препреки на патот, но мојата решителност и верба во себе ме одржаа фокусирани на мојата визија. Конечно, неуморната работа и способноста да се приспособувам, да учам од грешките, и желбата за постојано усовршување и надградување се составен дел од мојата успешна кариера - подвлекува диџејот Галоски.

Искуството му овозможило да ги разбере своите страсти и способности, па сега сака да ги искористи тие сознанија за да креира уште позначајни проекти и да се вклучи во нови предизвици.



- Моментално сум фокусиран на развивање нови музички проекти и на соработка со други уметници и креатори. Одвреме-навреме работам и на едукативни проекти, подучувајќи млади уметници и обучувајќи ги во различни аспекти на музичката индустрија. Најмногу ме мотивира желбата за креација и изразување преку музиката. Неизмерно е задоволството кога креирам нешто уникатно и гледам како мојата уметност влијае врз луѓето. Инспирација наоѓам во различни извори, во другите уметници, дури и надвор од музичката индустрија, како и во секојдневните случки во мојот живот. Имав среќа да работам со колеги кои ме поддржуваа и ме научија многу важни лекции. Но, на крајот на краиштата, самомотивацијата и самоподдршката се клучни. Мора да верувате во себе и во тоа што го правите и да бидете подготвени да работите напорно, да учите и постојано да се развивате - потенцира Александар.



Проширување на кариерата на нови територии

На Александар му е тешко да издвои еден настап како најуспешен, но сепак го споменува настапот во Токио како највпечатлив.

- Енергијата и ентузијазмот на публиката беа неверојатни, комуникацијата меѓу мене и обожавателите беше на ниво кое го немам доживеано претходно. Беше магично искуство, чувствував дека сите мои напори и труд се исплатија во тој момент. Кога станува збор за сегмент на кој сум особено горд, тоа е развојот и успехот на моите сопствени музички проекти. Создавањето оригинална музика и гледањето како таа респондира меѓу луѓето е нешто што ме исполнува со гордост и задоволство. Да бидам во можност да ja споделам својата уметност и да видам како таа влијае врз другите е најголемата награда за мене - истакна Галовски.



Неговите амбиции за иднината вклучуваат продолжување на развојот како уметник и проширување на неговата кариера на нови територии.

- Сакам да обезбедам нови можности за настапи и соработки низ светот, секогаш се обидувам да го изведам мојот уметнички израз на повисоко ниво. Една од „провокациите“ што ме очекуваат е да се адаптирам на динамичните промени во музичката индустрија и да одржувам врска со публиката во дигиталната ера. Во поглед на креативниот развој, сакам да истражувам различни музички жанрови и да експериментирам со различни звуци и техники. Верувам дека континуираното учење и развојот се клучни за секој уметник и возбуден сум за сè што носи иднината - заклучува Галоски.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема