Веројатно сте забележале дека Валентина Терешкова и Јуриј Гагарин секогаш се нарекуваат космонаути, додека Нил Армстронг и Едвин Олдрин - астронаути. Има ли разлика?
Меѓу називите космонаут и астронаут всушност нема никаква разлика во значењето - сите се смели пилоти што летале во височините - при што едниот назив е руски, додека другиот американски.
Оваа разлика е останата во јазикот од времето на Студената војна и вселенските трки меѓу САД и СССР - судирот меѓу двете сили не се водел само преку локални војни и револуции, во вселената и на улиците на Берлин, туку и во јазикот. Имено, двете земји тврдоглаво воведувале сопствени поими, пред сè во науката, од имиња на хемиски елементи до патниците во вселената, со претензија да ги направат глобални.
Космонаут и денес се користи во Руската Федерација и во земјите од Источна Европа, додека називот астронаут се употребува во САД и во западните земји. Двата поима настанале со спојување на зборови од грчко потекло. Првиот назив, космонаут, на руски: космонавт, буквално значи вселенски морнар. Настанал со спојување на грчките зборови наут (ναύτης), што значи морнар и космос (кόσμος), кој изворно означува поредок (со длабоки значења во филозофијата и христијанската традиција) и се користи како назив за универзумот. Американскиот назив астронаут буквално значи ѕвезден морнар и настанал на сличен начин, со спојување на зборот наут со астро, што значи ѕвезда.
Се смета дека поимот космонаут го смислил советскиот вселенски инженер Михаил Тихонравов, а зборот ќе влезе во употреба откако во 1961 година херојот на Советскиот Сојуз, Јуриј Гагарин, ќе стане првиот човек кој се вивнал во
вселената.
Американската НАСА ќе одлучи да не го користи поимот космонаут, туку називот кој првпат се појавил во раната научнофантастична (СФ) литература од крајот на 19 век. Астронаут првпат се споменува во 1880 година во книга на англискиот писател Перси Грег и е составен по пример на тогаш популарниот поим аеронаут, кој означува воздухопловец, а се користел како назив за пилот на балон.
Вселенската игра со зборови траела и по Студената војна. Како пријателски одговор на негативната студеновоена традиција, американскиот астронаут Норман Тагард, кој во 1995 година прв летал со руско летало, е наречен првиот американски космонаут.
По истата логика, денес кинеските астронаути во западните медиуми често се нарекуваат тајконаути, што е хибриден збор настанат со спојување на грчкиот наут со кинескиот збор за вселена tàikōng. Во Кина астронаутите се нарекуваат hángtiān yuán, со што се означуваат кинеските припадници на вселенската програма кои летаат во отворената вселена (но, само во Сончевиот Систем).