X
 12.09.2019 Наша тема

Втор уписен рок. На кои факултети останаа слободни места?

Иако на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) се пријавија повеќе кандидати од предвидената квота, сепак, вратите на овој факултет ќе бидат и утрово отворени

На сите факултети на најголемиот универзитет во Скопје има место во вториот уписен рок, освен на Медицински, каде што државните и приватните квоти се пополнија уште во првиот. Дури и на популарниот ФИНКИ останаа триесетина места што не биле пополнети од техничка причина. Тие, заедно со сите други слободни места, ќе им бидат понудени на студентите денеска. Бидејќи на сите факултети примените кандидати од првиот уписен рок се запишуваа вчера, денеска ќе бидат слободни и пополнетите места за кои вчера не биле поднесени документи.

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска почнува вториот уписен рок. Утре и в понеделник се уписите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, а на16 и 17 септември на „Гоце Делчев“ во Штип. Веќе во тек е вториот уписен рок на Државниот универзитет во Тетово.

Иако на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) се пријавија повеќе кандидати од предвидената квота, сепак, вратите на овој факултет и утрово ќе бидат отворени.

- Останати се триесетина места за компјутерско инженерство со кофинансирање. Дел од кандидатите не го штиклирале делот ако не влезат во државна квота, автоматски да бидат префрлени во квотата со кофинансирање. Исто така, вчера беа уписите од првиот рок. Останува простор некој да се премислил и да не поднел документи за уписи. И тие места ќе бидат отворени и слободни за пополнување денеска - вели Иван Чорбев, декан на ФИНКИ.

На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) има 444 слободни места, во двете квоти. Пополнета е единствено државната квота за насоката компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика. Во првиот уписен рок на ФЕИТ се рангирани вкупно 249 кандидати. Факултетот е задоволен од одѕивот на кандидатите во првиот уписен рок, кој е блиску до оптималниот број од околу 300 студенти кои вообичаено се запишуваат во прва година.
- Особено радува фактот што се пријавени кандидати кои во досегашното школување покажале одлични резултати (200 кандидати имаат вкупен број поени поголем од 80) – велат од ФЕИТ.



На Природно-математичкиот факултет има 964 слободни места. Пополнети се државните квоти по нутриционизам и туризам. На секој од институтите има слободни места:
математика (166), физика (107), хемија (97), биологија (165), географија (267), етнологија и антропологија (91) и двопредметни студии (71).

На Филозофскиот факултет има 461 слободно место. Пополнети се местата во државна квота на педагогија, безбедност, одбрана и мир, социјална работа и социјална политика и специјална едукација и рехабилитација, но и на овие институти има место во квотата со кофинансирање и за вонредни студии.

- Има место за 461 кандидат. Квотата е пополнета на студиската програма по психологија уште во првиот уписен рок, а додека на социјална работа и социјална политика, специјална едукација и рехабилитација и педагогија се останати по 2 места за вонредни студенти - вели Ратко Дуев, декан на Филозофски.

На Техничко-металуршкиот факултет има уште 207 слободни места (од можни 275). На насоката дизајн и менаџмент на технолошки процеси од предвидени 35 места, пријавен е еден студент, како и на насоката неорганско инженерство и заштита на животна средина.

Од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер во Скопје се особено задоволни од интересот за студирање. Точно 100 студенти вчера се запишаа на факултетот, а има уште 33 слободни места за вториот уписен рок.

На Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје има вкупно 426 слободни места, на сите насоки и во редовната и во квотата со кофинансирање: поледелство, хортикултура, овоштарство, лозарство и винарство, анимална биотехнологија, агроекономика, заштита на растенијата-фитомедицина, еко-земјоделство, преработка на земјоделски производи и квалитет и безбедност на храна.

Архитектонскиот факултет прими 123 студенти и ја пополни својата квота. Градежниот факултет, пак, запиша 93 студенти, а во вториот рок може да прими уште 327.

Според конечните листи, Медицинскиот факултет, како и секоја година, е најпопуларен за новите студенти. Пополнети се државната и приватната квота на сите насоки. Останати се само 48 слободни места за вториот уписен рок, сите за вонредни студии.

Машинскиот факултет, според листата на УКИМ, има уште 321 слободно место од можни 540. На Економски факултет се примени 530 студенти од 700 слободни места. На Правниот факултет во првиот рок се запишани 350 студенти од 1.055 студенти колку што може да прими. Најмал интерес има за студиите по новинарство (12 студенти).



На Филолошкиот факултет има 798 слободни места. Најмногу има на романски јазици и книжевности (131) и на преведување и толкување (англиски, германски и француски јазик) – 130.

На Педагошкиот факултет има уште 228 слободни места, односно се запишале 137 студенти во некоја од насоките.

Шумарскиот факултет бележи мал број студенти по првиот уписен рок. Слободни се дури 111 места од можни 120.

На Фармацевтскиот факултет има 56 слободни места, а на Стоматолошкиот – 17. Факултетот за ветеринарна медицина има 28 слободни места, Факултетот за драмски уметности – 23, Факултетот за ликовни уметности – 19, а Факултетот за физичко образование, спорт и здравје – 186.

Детални податоци за слободните места и насоките видете ТУКА
http://ukim.edu.mk/dokumenti_m/Slobodni-mesta_I_ciklus_2019-2020-FINAL.pdf
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска/Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема