X
 12.09.2026 Живот

Ова е најреткиот облик на интелигенција, а еве зошто е посебен

Кога психолозите зборуваат за исклучителен облик на интелигенција, разговорот речиси секогаш се насочува кон коефициентот на интелигенција. Нашата склоност да се потпираме на она што може да се измери, оцени и рангира е сосема разбирлива.

Меѓутоа, децениските истражувања во областа на когнитивните науки постепено изградија аргументи во прилог на еден сосема поинаков вид интелигенција.

Тоа е интелигенција што не може јасно да се забележи на стандардизираните тестови. Исклучително тешко се развива, а можеби е и подобар показател за вистинското креативно влијание во животот отколку самата брзина на обработка на информациите.

Истражувачите понекогаш ја нарекуваат интегративна интелигенција. Тоа е ретката способност течно да се размислува и да се поврзуваат навидум неповрзани области на знаење. Целта е да се создаде нешто ново токму на нивните допирни точки.

Зошто луѓето погрешно го разбираат овој вид интелигенција?

Првата грешка што ја прават луѓето е тоа што ја поистоветуваат интегративната интелигенција со широко општо знаење.

Некој што многу читал можеби ја познава историјата на џезот, основите на еволутивната биологија и принципите на архитектонското проектирање. Иако тоа заслужува пофалба, само по себе не значи дека таа личност поседува интегративна интелигенција.

За да разберете како навистина изгледа интегративната интелигенција, размислете што всушност направил Чарлс Дарвин. Тој не читал само многу за природната историја. Препознал дека економската логика што Томас Малтус ја користел за да го објасни притисокот од растот на човечката популација, дека сè поголем број организми се натпреваруваат за ограничени ресурси, може да се примени и за објаснување на механизмот што ги поттикнува промените кај видовите.

Дарвин презел еден концепт од една област и со него решил загатка во сосема друга област. Токму тоа пренесување идеи и структури меѓу области што повеќето луѓе ги доживуваат како целосно одделни ја претставува суштината на интегративната интелигенција на дело.

Што покажаа истражувањата?

Психолозите што ја проучуваат креативноста доследно истакнуваат дека аналогиското размислување - способноста да се препознае дека проблем во една област веќе е решен, само во поинаква форма, во некоја друга област, е клучниот механизам што го поттикнува ваквиот начин на размислување.

Истражување објавено во 2025 година во списанието „Тинкинг скилс енд креативити“ потврдило дека аналогиското размислување е основниот когнитивен механизам што ги поврзува размислувањето низ различни области на знаење и креативното создавање.

Научник што во некој биолошки процес гледа алгоритам, архитект што презема принципи од динамиката на флуидите или композитор што гради хармонска структура на начинот на кој математичар гради доказ - тоа се луѓе за кои границите меѓу различните области на знаење не се цврсти, туку пропустливи.

Особината на личноста што најмногу се поврзува со интегративната интелигенција

Меѓу петте главни димензии на личноста, истражувањата доследно покажуваат дека отвореноста кон искуствата е особината што најсилно се поврзува со креативните достигнувања во различни области.

Овој заклучок дополнително е потврден со метаанализа објавена во 2023 година во списанието „Персоналити енд индивидуал дифренсес“, која ги обединила податоците од 63 студии со повеќе од 24.000 учесници.

Луѓето што постигнуваат висок резултат на скалата на отвореност кон искуствата природно тежнеат кон новостти, сложеност и идеи што не можат лесно да се сместат во постојните категории.

Тие подобро ја поднесуваат неизвесноста и двосмисленоста. Можат со месеци, па дури и со години да размислуваат за нерешено прашање што поврзува две различни дисциплини, без притоа да чувствуваат непријатност што повеќето луѓе ги наведува прерано да прифатат некое конечно објаснување.

Замислете инженерка што вечерите ги поминува проучувајќи класична композиција, не затоа што тоа ѝ е потребно за работата, туку затоа што чувствува дека постои длабока сличност меѓу хармонската напнатост во музиката и проблемот во обработката на сигналите што сè уште не успеала да го реши.

Ретка особина на интелигенцијата


Таквото непрекинато поврзување идеи од различни области кое однадвор може да изгледа необично или ексцентрично, често е токму начинот на кој настануваат интегративните согледувања и оригиналните решенија.

Она што го прави овој вид интелигенција редок не е самата особина, бидејќи таа постои на континуиран спектар. Ретка е нејзината комбинација со други квалитети што честопати влечат во спротивни насоки: долгорочна посветеност, строга дисциплина и трпение за развивање вистинска стручност во повеќе од една област.

Широчината без длабочина е љубопитност. Широчината здружена со длабочина е нешто што е значително потешко да се изгради.

Зошто овој вид интелигенција станува сè поредок?

Во време кога нашите најсложени проблеми - во медицината, климатските науки и вештачката интелигенција, бараат луѓе што умеат да поврзуваат знаења од различни дисциплини, системите на поттик во образованието и професионалниот живот тргнаа речиси целосно во спротивна насока.

Замислете докторантка што се запишува на програма по невронаука, а веќе има сериозно предзнаење од филозофијата на умот и искрен интерес за компјутерско моделирање. Многу е веројатно дека повеќепати ќе ѝ биде кажано да се определи за една насока.

Нејзините ментори очекуваат трудови објавени во рецензирани научни списанија, насочени кон јасно дефинирани потесни области. На пазарот на трудот од неа се очекува да претстави доследен и тесно профилиран истражувачки идентитет.

Интелектуалната широчина, која во текот на една кариера би можела да доведе до навистина оригинални откритија, институционално често се гледа како недостаток, а не како предност.

Како изгледа интегративната интелигенција во пракса

Интегративната интелигенција ретко се препознава веднаш. Луѓето што ја поседуваат во различни фази од кариерата често се опишуваат како растргнати, недоволно фокусирани или како личности што тешко можат да се сместат во одредена категорија.

Стив Џобс често зборувал дека курсот по калиграфија што го посетувал откако го напуштил факултетот, исклучиво од личен интерес, без никаква практична намена, станал извор на инспирација за типографската елеганција што подоцна станала едно од препознатливите обележја на компанијата „Епл“.

Овој образец не е карактеристичен само за животните приказни на поединци. Истражување објавено во 2022 година покажало дека широкиот интерес за навидум неповрзани области е една од доследните одлики на кариерите на добитниците на Нобеловата награда. Освен тоа, самите лауреати наведуваат дека таквата широчина на интереси била свесна креативна стратегија, а не само особина на нивната личност.

Автор: Марк Траверс, соработник на „Форбс“
Извор: Forbes.vijesti.me
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот