X
 13.04.2018 Образование

Резултати од анкета: Факултетска диплома за знаење, но и за лет надвор од Македонија

Факултети.мк спроведе онлајн-анкета наменета за идните студенти. Речиси 58 проценти од анкетираните ни одговорија дека сакаат да студираат за да се стекнат со знаења од областа што ги интересира.

Најголем дел од македонските матуранти што одговорија на нашата онлајн-анкета сакаат да студираат за да се стекнат со нови знаења, а дел од нив дипломата ја гледаат како виза за подобра работа, но и за лет надвор од Македонија. Речиси 58 проценти од анкетираните одговориле дека сакаат да студираат за да се стекнат со знаења од областа што ги интересира. Речиси 40 отсто ќе студираат за полесно да најдат работа, а 27 проценти зашто со дипломата полесно ќе се снајдат надвор.




Ги следат своите интереси

Најголем дел од нив (54,6 проценти) веќе одлучиле што ќе учат, а 37 проценти ни одговориле дека сѐ уште се двоумат меѓу две или три области. Добро е што голем дел од матурантите (64,9 проценти) ги следат своите интереси при изборот на факултетот. Некои, пак, одлуката ја донеле врз основа на мислењето што е поисплатливо да се студира. Кај некои одлучувачка била финансиската состојба, но и каде се запишале пријателите.
- Одлуката ја донесов по долги консултации со доста ценет професор на овие простори – одговорила една идна студентка.
- Се двоумам помеѓу две области. Едната од нив е доста застапена, односно има премногу кадар, па шансите за вработување се многу мали. Сепак, мислам дека би ја избрала другата област за која сметам дека е поперспективна, а шансата за вработување е драстично поголема.


Фото: KolektifPress

Студиите ќе ги платат родителите


Половината од анкетираните студенти одговориле дека ќе студираат на факултет надвор од градот во кој живеат бидејќи таму го нема. Речиси 12 проценти веќе знаат дека ќе студираат во друга држава, а 30 отсто ќе учат во местото на живеење.
- Студирањето во државава не ми дава никаква сигурност дека ќе се здобијам со квалитетно образование, а дополнително дали со овдешната диплома воопшто ќе се вработам, а камоли дека ќе ми се даде можност да го дадам својот максимум во професијата – пишува матурант во еден од одговорите.
- Сметам дека студиите по психологија се подобри во Скопје, а и пред сѐ сакам да се одделам од родителите и да имам извесна независност – вели идна студентка.
- Подобро можам да се развивам како личност во поголем град, а исто така подобро ќе научам сама да се снајдам во животот.

На прашањето дали планирате да се запишете на факултет или на висока школа, 90 отсто од матурантите одговориле факултет. Од прашањето што е најважно при изборот на факултетот може да се заклучи дека за поголем дел од идните студенти важни се можностите за вработување со дипломата, стекнувањето практични знаења, да го студираат она што го сакаат, како и професионалните наставни кадри.
За речиси 60 отсто од студентите трошоците за студирање ќе ги покријат родителите. За студентска стипендија ќе аплицираат 25 отсто, а речиси 13 проценти ќе работат хонорарно.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование