X
 13.05.2020 Живот

Владата го објави протоколот за отворање на моловите: Нема пробување облека во гардероба, задолжителни се маските

Владата ги усвои протоколите што произлегуваат од втората фаза од Планот за намалување на рестриктивните мерки за спречување ширење на коронавирусот. Еден од нив е протоколот за отворање на моловите. Тие почнаа со работа од денеска.
Угостителските објекти и ресторани во моловите кои вршат подготовка и продажба на храна можат да работат без посета на посетители - гости во објектите и да остваруваат продажба на алтернативен начин (онлајн-нарачки, телефонски нарачки и сл.) и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект или ресторан (преку штанд/пулт).

Ова се правилата што мора да се почитуваат согласно препораките од Комисијата на заразни болести:

1. Ограничено/скратено работното време (10:00-18:00) /затворени во недела.
2. Регулирање на влезот на лица во затворениот продажен центар од страна на овластено лице, така што да не се дозволи групирање на луѓе во ходниците, така што ќе се дозволи по едно лице на 5m2.
3. Ограничување за лицата над 65 години, со можност за пазарување до 12 часот.
4. Задолжително носење заштитни маски и ракавици за вработените.
5. Задолжително носење заштитни маски за купувачите.
6. Одржување физичко растојание меѓу купувачите и меѓу купувачите и продавачите од 1,5m до 2m.
7. Поставени на јасно видливи места, едукативно-информативни материјали за почитување на заштитните превентивни мерки: носење заштитни маски, одржување физичка дистанца, редовно дезинфицирање на рацете, правилна респираторна хигиена. Дополнително, преку разглас (на секои 30 минути) информирање на купувачите за почитување на овие превентивни мерки.
8. Регулирање на бројот на купувачи согласно квадратурата на продавницата, на 8m² - 10m² продажен простор по еден купувач.
9. Задолжително одредено лице од фирмата пред влезот на продавницата да го организира редот и бројот на купувачи.
10. Пред влезот на продавницата обезбедено средство за дезинфекција на рацете.
11. Во продавниците за облека забрането пробување облека - да се даде можност за пробување дома со можност за замена на купената облека.
12. Доколку на касите за плаќање не може да се обезбеди растојание од 1,5 до 2m помеѓу продавачот (касиерот) и купувачот, да се постави бариера од плексиглас. Доколку има повеќе каси за наплата, да се обезбеди растојание од 1,5 до 2m помеѓу касите во редот.
13. Пред касите да се обележи растојание (место за чекање) од 1,5 до 2m меѓу купувачите.
14. Засилени санитарно-хигиенски мерки, односно зачестено чистење 4-5 пати во текот на денот со употреба на средство за дезинфекција кое дејствува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) за подот или 70% алкохол за дезинфекција за горните површини.
15. Редовно и зачестено одржување на хигиената на тоалетите со задолжително водење евиденција за спроведеното чистење и употреба на горенаведените дезинфекциски средства.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот