X
 09.12.2024 Наша тема

Што треба да направите ако сте завеани во снег со автомобилот и како да се подготвите за снежна зима?

Два дена траеше драматичната ситуација во селото Никифорово крај Маврово кога жители и туристи останаа завеани и отсечени по обилните снежни врнежи што го зафатија западниот дел од Македонија. Неколкумина од нив, поради исклучената струја во селото, се обидоа да го напуштат местото и да се симнат кон Гостивар, но останаа заглавени во снежните наноси.

Оваа ситуација често им се случува на граѓаните во повисоките места и тие најверојатно знаат како да постапат при снежна бура, но не и на пониските места затоа што снег има сѐ помалку во последните десетина години и поради тоа заборавивме како да се однесуваме ако евентуално со автомобилот и со сопатници заглавивме како граѓаните на Никифорово и туристите.



Како правилно да постапите ако автомобилот е заглавен во снег?

Без разлика во каков вид возило се наоѓате, има неколку работи што можете да ги направите за да ги подобрите шансите да излезете од снегот.

На почетокот се поставува триаголник за да може друг возач да го забележи вашето возило. Потоа се копа снег околу гумите за да му се овозможи на возилото да се движи напред и назад, а кога ќе се ослободи доволно простор за возилото малку да се движи, можете да почнете да го нишате да се ослободи снегот под гумите, а потоа да го ставите автомобилот во погон и со мала брзина да возите напред-назад по исчистените патеки.

Ако ова не функционира, следна опција е влечење со користење песок или сол под гумата за да им дадете нешто на пневматиците во што ќе „загризат“. Синџирите можат многу да помогнат, но многу малку луѓе редовно ги поставуваат на гумите.



Што не треба да правите кога ќе сфатите дека сте заглавени?

Кога ќе сфатите дека сте заглавени, има неколку работи што никогаш не треба да ги правите:
Да не го стискате силно педалот за гас бидејќи ќе гумите ќе паднат подлабоко во снегот.
Не игнорирајте ја патеката на вашето возило надвор од снегот. Треба да бидете сигурни дека патот на возилото назад до поцврстата земја е исчистен од длабок снег или повторно ќе заглавите.
Не паничете за да не си ја отежните комуникацијата со секој што ќе дојде да ви помогне. Ако имате луѓе во близина кои можат да ви помогнат, не обидувајте се сами да го извлечете автомобилот. А, ако евентуално се сте одглавиле, не брзајте затоа што не знаете што крие снегот пред вас.

Совети за возење во снежни услови на РСБСП

Неповолните временски услови на патиштата (влажни коловози, пониски температури, врнежи на дожд и снег, намалена видливост) може да го зголемат времето на реакција на возачите, да ги деконцентрираат, да го продолжат сопирачкиот пат на возилото и сл.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата секоја година пред почетокот на зимската сезона објавува совети за возење во зимски услови со цел информирање на возачите за основните подготовки и проверки што треба да ги направат за безбедно патување или, не дај боже, ако заглават во снег:

- Потребни се зимски гуми на сите четири тркала, како и синџири кои се местат по потреба. Со тоа не само што ќе ја исполните законската обврска, туку и ќе ја зголемите вашата безбедност.
- Не е лошо со себе секогаш да имате мала лопата, малку песок, стара крпа за бришење, метличка за чистење на снегот од стаклата, спреј против замрзнување на стаклата и спреј за брави. Мора да се загрева автомобилот за да се одмрзнат стаклата и да се исчистат гумите од снег и мраз.
За полесно одмрзнување на стаклата, се вклучуваат сите потрошувачи на струја во автомобилот и периодот на одмрзнување се скратува од 10 на 4 минути.
- Почитувајте ја брзината на возење, особено во близина на пешачки премин, училишта и градинки. Во зимски услови на возење, сопирачкиот пат е за 50 проценти подолг отколку во нормални услови. Држете поголемо растојание со возилото пред вас. Не менувајте го нагло правецот на движење. Полека забрзувајте, намалувајте ја брзината со нежно отпуштање на педалот за гас, притискање на куплунгот и постепено кочење. При влегување во кривина, постепено одземајте ја брзината и кочете полека.
- Доколку возите во длабок снег, држете го воланот право за предните и задните гуми да имаат ист правец на движење. Ако сте заглавиле во снег и со гумите вртите в место, ставете патосници под гумите, песок или стари крпи – така најлесно ќе излезете од снегот. На угорница и на удолница возете со помала брзина од онаа со која би возеле во нормални услови. Бидете колегијални во сообраќајот.
- Во зима секогаш имајте полн резервоар, без разлика дали сте заглавени во градскиот метеж или имате незгода на пат. Доволното количество гориво во резервоарот ќе ви ја осигури топлината што ќе ви биде потребна за безбедно да стигнете во вашиот дом.
- Ако одите на планинско место и очекувате да има силни врнежи од снег, подгответе си и лесна храна и доволно вода, кои ќе ви бидат потребни доколку заглавите и чекате помош да се исчисти теренот.



Подготовка на возилото за возење во зимски услови

- Бришачите имаат рок на траење од 6 до 12 месеци. Со редовна промена на бришачите ќе си обезбедите подобра видливост на патот, а со тоа и поголема сигурност во сообраќајот за вас и за вашите сопатници.
- Проверка на течноста за бришачите. За одржување на чистотата на ветробранското стакло во зима, се користи течност која не замрзнува и до -30 С˚ (во зависност од годишното време и од производителот, на пазарот постојат повеќе видови).
- Проверка на акумулаторот. Ладните температури можат да го испразнат акумулаторот, особено ако паркирате надвор. Пред да паднат температурите под нулата, задолжително е да се направи проверка на акумулаторот. Доколку е слаб, сменете го навреме за да се поштедите од несакани изненадувања, особено во доцните вечерни или во раните утрински часови.
- Проверка на антифризот. Кај сите возила антифризот трае до пет, па и повеќе години, но веќе по петтата година задолжително е да се направи сервис и промена.
- Проверка на гумите. За возење во зима се користат зимски гуми со подлабока шара кои се ефикасни и добро приспособливи за возење на снег. На гумите треба да се провери и притисокот бидејќи возењето во услови на снег со несоодветен притисок на воздух е опасно.
- Проверка на фаровите. Надворешниот дел од фаровите мора да се чисти, не треба да биде покриен со мраз. Најдобра заштита е да го премачкате со восок.
- Проверка на маслото. Промената на маслото пред да започне зимата е одлична подготовка на моторот за возење во тешки зимски услови.
- Почеста проверка на сопирачките. Сопирачките се секогаш важни за безбедност во сообраќајот без разлика на годишното време, а особено кога е лизгав коловозот.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема