Сѐ што произлегува од идентитетот, од јазикот, останува македонски, македонско, македонска. Сѐ што се однесува на државни институции, службеност и официјалност ќе биде во согласност со новото име - Република Северна Македонија, рече вчера премиерот Зоран Заев
Академија на науките и уметностите на Северна Македонија (АНУСМ) или Северномакедонска академија на науките и уметностите (СМАНУ). Како ќе се викаат националните институции во чие име е инкорпориран зборот македонски/македонска?
- МАНУ е формирана со посебен закон и дополнително ќе се утврдуваат деталите за ова прашање - вели за Факултети.мк Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.
На новинарското прашање како ќе се нарекуваат државните институции, како МОБ (Македонска опера и балет), доколку договорот меѓу двете земји се заокружи во декември, премиерот Зоран Заев вчера одговори:
фото: Колектиф Прес
- Сѐ што произлегува од идентитетот, од јазикот, останува македонски, македонско, македонска. Сѐ што се однесува на државни институции, службеност и официјалност ќе биде во согласност со новото име - Република Северна Македонија. Тоа значи: ако биде прифатено на референдум, со уставните измени, ако течат процесите во правецот во кој посакуваме, со конечното ратификување на договорот во Грција, нашето име станува вековно, трајно и историско. Оваа влада ќе биде влада на Република Северна Македонија. Здравство ќе биде Министерство за здравство на Република Северна Македонија, но ќе зборуваме за македонско здравство. Верувам дека добивме историски договор – рече Заев.
Тоа го потврди и Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција. На новинарското прашање дали институциите ќе го менуваат името, тој рече:
- Сѐ што се однесува на културата и идентитетот ја задржува придавката македонски: македонски јазик, македонски ора и слично. Државните институции треба да го следат духот на договорот – рече Бошњаковски.
Новинарката додаде:
- Значи АРМ ќе биде Армија на Република Северна Македонија?
- Не можам да потврдам дали токму тоа име, но да, во тој дух – одговори Бошњаковски.
Во таа смисла, ова се дел од државните институции што ќе треба да добијат ново име. Факултети.мк направи листа за евентуални можни решенија и акронимите што би произлегле од нив:
МАНУ – Македонска академија на науките и уметностите
АНУСМ - Академија на науките и уметностите на Северна Македонија
СМАНУ - Северномакедонска академија на науките и уметностите
АНУРСМ – Академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија
МОБ – Македонска опера и балет
СМОБ – Северномакедонска опера и балет
ОБРСМ – Опера и балет на Република Северна Македонија
ОБСМ – Опера и балет на Северна Македонија
МНТ – Македонски народен театар
СМНТ – Северномакедонски народен театар
НТСМ – Народен театар на Северна Македонија
НТРСМ – Народен театар на Република Северна Македонија
НГМ – Национална галерија на Македонија
НГСМ – Национална галерија на Северна Македонија
НГРСМ – Национална галерија на Република Северна Македонија
Графика: Ања Несторова
МРТ – Македонска радио-телевизија
СМРТ – Северномакедонска радио-телевизија
РТСМ – Радио-телевизија на Северна Македонија
РТРСМ – Радио-телевизија на Република Северна Македонија