X
 13.12.2019 Живот

Како 34-годишната премиерка на Финска ќе го промени светот?

Во неделата социјалдемократите во Финска ја избраа својата премиерка. 34-годишната поранешна министерка за транспорт и пратеничка со втор мандат стана најмладиот премиер во служба во светот и најмлад премиер на Финска досега. Фотографијата од Марин и нејзините колешки од владата, сите жени, брзо стана вирална. Очигледно Финците уживаат во секоја минута од меѓународното внимание, но додека светот ја слави младоста на Марин, во Финска многу луѓе се мотивирани од нејзината заднина.

Нејзината социо-економска заднина е ретка за водач на една земја. Марин изјави дека една од нејзините најголеми инспирации била рок-групата „Rage Against the Machine“.

- Живеам во социјална држава и сум благодарна за тоа што општеството ми даде поддршка во тешките периоди од мојот живот - изјави таа пред изборите.

Таа доаѓа од семејство без многу пари и била прва во семејството што стекнала универзитетска диплома. Но, не е само тоа. Семејството на Марин е составено од две мајки.

Марин звучи како совршен избор за секоја партија што сака да го модернизира сопствениот имиџ - и тоа може да изгледа како ризик за многумина. Но, не и во Финска. И покрај возраста, Марин е донесена да го зацврсти водството, а таа е решена да ја обнови и довербата меѓу членовите. Таа вети дека ќе се придржува до програмата на владата и рече дека нема голем интерес да се меша со синдикатите, нешто што се покажа како проблем за нејзиниот претходник.

premierka
Фото: AFP/Министерката за образование Ли Андерсон, министерката за внатрешни работи Марија Охисало, премиерката Сана Марин и министерката за финансии Катри Кулумни

Но, нејзината возраст игра улога и во обединувањето на оваа коалициска влада. Повеќето од партиските лидери се милениумци, родени во 80-тите. Тоа ја олеснува комуникацијата. Ова невидено ниво на единство доведе до критики, при што луѓето прашуваат дали петте партии станаа премногу слични - врз основа на нивната агенда, возраст и имиџ. Се разбира, ваквите сличности никогаш не биле проблем кога мнозинството водачи биле мажи.

Некои социјалдемократи се загрижени дека подемот на една млада жена како премиерка може да го исплаши остатокот од нивните средовечни, не толку либерални поддржувачи.

Постои и загриженост дека јазот меѓу левичарско-либералните и конзервативните-националистички блокови ќе се продлабочи. Тоа е поларизација што се гледа низ целиот свет. Прашањето е дали владата на Марин ќе може да гради доверба помеѓу генерациите, истовремено држејќи ја партијата заедно. Или новата премиерка само ќе ја влоши тековната културна војна меѓу двата блока?
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот