X
 14.08.2018 Живот

Човекот што украл комерцијален авион: „Успеав затоа што играв видеоигри“

Тој не бил пилот, а колку што властите можат да кажат, немал ни пилотска лиценца. Тогаш како еден човек без искуство во летање успешно украл и полетал со голем комерцијален патнички авион?

На Ричард Расел, виновникот за фаталниот неовластен лет над Сиетл во петокот, eдинственото искуство во летање му биле виртуелните игри. Тој работел на аеродром, меѓутоа, никогаш немал реално искуство во летање.

Ова објаснување, понудено до контролата за летање за време на првата и последната сесија со пилотската кабина на Расел, дошло неколку минути пред Расел да го урне празниот авион на островот Пуџет Саунд, самоубивајќи се, можеби намерно.

Додека видеоигрите се можеби единствениот показател што го имаат стручњаците за воздухопловство, тие се поделени околу тоа како компјутерските симулации можеле да го опремат 29-годишниот Расел да командува со комерцијален авион со 76 седишта и да го држи во воздух еден час - дури и да изведува опасни трикови.

- Комерцијалните авиони се сложени машини. Не знам како успеал да стекне такво искуство - изјави извршниот директор на „Хоризон ејр“, Гери Бек.

За жал, без оглед на виртуелното искуство во пилотирање што го добил со играње игри, тоа не било доволно за безбедно да го спушти авионот. Сепак, снимениот звук на неговите разговори во текот на летот со контролата на воздушниот сообраќај на Меѓународниот аеродром во Сиетл-Такома посочува дека во секој случај, слетувањето на авионот никогаш не му било цел на Расел.

Однесувањето на Расел било оценето како самоубиствено без да биде елаборирано понатаму - иако тоа не може да се потврди, необичните коментари направени од Расел за време на летот се чини дека покажуваат дека тој имал ментални здравствени проблеми.

За време на разговорите со контролорот и авионските пилоти што го следеле Расел прашувал дали ќе добие затворска казна за кражба на авионот, но и давал двосмислени коментари што би можеле да се толкуваат како самоубиствени. По извршувањето на она што се смета дека е ризичен маневар на тркалање, еден од пилотите му рекол безбедно да го слета авионот за никој да не биде повреден.

- Во ред. Проклетство. Не знам, човече. Не знам!
- Не сакам. Се надевав дека ова ќе биде сѐ, знаеш? - одговорил Расел.

Во друг момент тој рекол дека знае како да го спушти авионот, но додал: -Не планирав да го слетам.

И покрај личните ризици што ги презел, тој постојано нагласувал дека не сакал да повреди никого или да ризикува да се обидува да слета на воздушен простор што би можел да ги стави другите во опасност.

- Мислам дека можам да ја упропастам работата, не би сакал да го направам тоа - рекол тој.

- Да, не сум подготвен да го слетат. Но, по ѓаволите, морам да престанам да гледам во горивото, бидејќи го снемува за брзо време - додал тој.

Она што тој го кажува за време на разговорот со контролорите на летот покажува дека нема искуство во летањето, а други коментари укажуваат на тоа дека ужива во летот.

- Не ми е потребна помош. Имам играно видеоигри претходно - рекол тој. По прашањето за тоа како да одржува притисок во кабината, Расел рекол: - Не знам ништо за автопилот, рачно го летам авионот.

Мистерија е како овој обичен работник успеал да полета со авионот и да ги направи сите трикови во текот на летањето.

- Многу е неверојатно, но не и невозможно, тој никогаш да немал никакво искуство со летањето освен во виртуелниот свет - изјави претседателот на Националната асоцијација на инструктори за лет, Рик Тод.

Како и да е, фактот што тој толку лесно успеал да го украде авионот и да полета со него се очекува да има значајни последици во индустријата, со преземање потези за зајакнување на безбедноста околу вработените на аеродромот за да не се случи ваква кражба повторно.

Семејството на Расел изјави дека е шокирано и скршено што Расел си го одзел животот под вакви околности. Семејството, пријателите и соработниците се сеќаваат на Расел како на љубезен, смешен и пријателски настроен човек - од кој никој не би очекувал да направи такво нешто.

Во неговите последни моменти од летот Расел се сетил на нив.

- Имам многу луѓе што се грижат за мене и ќе ги разочарам кога ќе слушнат дека направив нешто вакво - им рекол на контролорите.

- Би сакал да му се извинам на секој од нив. Јас сум човек што не е во ред, претпоставувам. Воопшто не знаев, сѐ досега.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот