Мојот сон се оствари, но допрва ми почнува нова важна фаза на учење, вели
Арда Мустафаоглу, големиот пијанистички талент, кој е примен на Факултетот за музика и театар на Универзитетот во Хамбург. Тој е прворангиран во голема конкуренција, а приемниот испит на еден од 50. највисоко рангирани светски универзитети од областа на уметностите се реализира онлајн во две етапи пред комисија составена од врвни светски пијанисти.
Арда Мустафаоглу (фото: Photo Benny)
Мустафаоглу ќе учи во класата на познатиот пијано-педагог и изведувач Ана Виницкаја. 18-годишниот Арда се подготвуваше за приемниот испит со помош на проф. Милица Шкариќ.
- Не ми се верува дека сум примен и прворангиран. Имав повеќе избори за студирање, но изборот на овој факултет беше неспоредлив зашто професорката Виницкаја е една од најдобрите во светот и знаењето што можам да го добијам од неа е многу вредно. Таа има победено на еден од најголемите пијанистички натпревари „Квин Елизабет“. Ми беше од помош што проф. Милица Шкариќ, со која се подготвував во изминатите две години, и Виницкаја биле студентки на ист професор - Евгениј Корољов во Хамбург. Се запознав со проф. Шкариќ по еден натпревар на кој учествував, а таа беше претседател на жирито. Ми предложи да ми помогне да се спремам за на академија - објаснува Арда.
Арда Мустафаоглу (Photo Benny)
Приемниот испит се одвивал во две рунди, и тоа онлајн. Конкуренцијата е голема, а јас сум пресреќен што сум и прворангиран, вели наградуваниот пијанист.
- Сега ги подготвуваме документите, со настава најверојатно треба да почнеме за два месеца и се надевам дека нема да имам никаков проблем да заминам. Ова е најголемиот сон досега. Но, допрва доаѓа новото и убавото. Едвај чекам да ја видам најубавата концертна сала Елбфилхармонија (која беше изградена во 2017, н.з). Хамбург има голема музичка традиција, таму е роден и Брамс. Едвај чекам да го запознаам градот убаво - вели Арда.