Околу 280 илјади основци и средношколци денеска ја завршуваат учебната 2014/2015 година и за нив од денеска започнува летниот распуст.
Денеска е и последниот ден од годинешното екстерно тестирање, со кое во изминатите девет дена беа опфатени вкупно 183.280 ученици и 17.803 наставници.
Екстерните испити од државната матура во учебната 2014/2015 година ќе се реализираат од утре до 19 јуни.
Според информацијата на Државниот испитен центар, матурантите утре ќе полагаат мајчин јазик и литература, на 15 јуни е полагањето странски јазик, на 17 јуни ќе се полага математика и на 19 јуни е тестот по хемија, физика, биологија, историја, бизнис, филозофија и естетика. Тестирањето во сите денови почнува во 10 часот.
Прелиминарните резултати од екстерните испити на кандидатите ќе им бидат достапни најдоцна 30 дена од спроведувањето на последниот екстерен испит.
ДИЦ соопшти дека Државната матура ќе се имплементира согласно со досегашната Концепција за државна матура и завршен испит, односно полагањето на тестовите ќе се врши единствено во писмена форма и предметот математика ќе биде изборен за сите ученици.