X
 15.01.2021 Образование

Општините ќе бидат вклучени во промените во образованието

Министерката за образование и наука Мила Царовска и членови на работната група одржаa состанок со претставници на Управниот одбор на ЗЕЛС во рамки на широкиот консултативен процес за предложената концепција за реформи во основното образование. Претседателот на ЗЕЛС Петре Шилегов и градоначалниците ги поддржаа реформските процеси и најавија дека локалните самоуправи ќе бидат клучните партнери во спроведувањето на реформите.

-Општините, како основачи на училиштата, ќе бидат директно вклучени во подготовките и имплементација на целата реформа. Затоа денес во ЗЕЛС разговаравме со градоначалниците за подготовка на општините и поддршката на локалната самоуправа во реформата. Драго ми е што имаме широка и недвосмислена поддршка од ЗЕЛС - рече Царовска.

Таа кажа дека реформата е повеќе од нужна зашто значително ќе го подобри квалитетот на образованието на децата, ќе ги мотивира и подобри условите за наставниците и образовниот кадар и на долг рок ќе го унапреди квалитетот на животот на идните генерации.

-Она што на граѓаните и јавноста треба да им е јасно е дека темелно и внимателно се подготвуваат сите чекори, сите промени, со што, со сигурност финалниот резултат ќе биде проверено добар концепт, кој ќе може да се имплементира без проблем - потенцираше Царовска.

Веќе во МОН пристигнале многу предлози. Во следните десет дена уште повеќе ќе се интензивира јавната дебата. Планирани се средби со директорите на училиштата, меѓународните организации, невладините организации во земјава, претставници на МАНУ и други.

Претседателот на ЗЕЛС Петре Шилегов рече дека со министерката Царовска се согласиле околу неопходноста на реформите, но и околу инклузивноста на овој процес изразена преку подготвеноста да се сослушаат внимателно сите засегнати страни.

-Системот за образование во секоја држава мора да ги следи општествениот развој и современите текови во науката со цел на новите генерации да им се овозможат услови преку овој систем да стигнат до квалитетни знаења што ќе овозможи нивна поголема конкурентност на пазарот на трудот. Затоа процесот на реформи во образованието треба да се одвива континуирано, но и да ги вклучува сите релевантни актери во образовниот процес од учениците, родителите и професорите, па се до институциите во чија надлежност е организирањето на наставата - истакна Шилегов.

Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование ги интензивира и продолжува дебатите за новата концепција за да ги слушне предлозите и сугестиите во однос на реформата. Исто така, коментарите и предлозите можат да се достават до 20 јануари по електронска пошта.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование