X
 15.03.2026 Живот

Замрзнато во времето - италијанско гратче во кое смееле да живеат само работници и нивните семејства

Креспи д'Ада нуди ретка можност да се види како изгледала една целосно планирана работничка заедница од времето кога индустријата ги обликувала животите и градовите. Ако се најдете во тој дел од Италија, вреди да го посетите.

Во Северна Италија, во регионот Ломбардија, меѓу реките Ада и Брембо, се наоѓа Креспи д'Ада, историско населено место што изгледа како мотив од разгледница од индустриската ера. Овој дел од Италија претставува еден од најцелосно зачуваните примери на фабрички градови. Воедно потсетува на периодот од 19 и почетокот на 20 век, кога индустријалците граделе цели населби низ Европа за да им обезбедат сместување и основни услови на работниците. Италијанското гратче го препозна и УНЕСКО и го впиша на Листата на светско наследство токму поради неговата исклучителна зачуваност. Местото останало речиси недопрено, а дел од зградите се користат и денес.


Како започнала приказната?

Приказната започнува во 1875 година кога производителот на текстил Кристофо Бенињо Креспи купил околу еден километар земјиште покрај реката во долината на Ада, со идеја да изгради фабрика за преработка на памук. Во фабриката вовел најсовремена технологија, а покрај индустрискиот погон почнал да гради и населба за работниците.

Освен куќи, имало училиште, амбуланта, театар, спортски терени, продавници, црква и гробишта. Идејата била јасна - работникот не доаѓа само да преживее, туку да живее. Сопствениците на фабриката имале посебно место и живееле во дворец.


Подем и пад

Креспи д'Ада е интересен и како лекција по урбанизам. Населбата била проектирана геометриски правилно, како мрежа. Една главна улица ја дели индустриската зона од станбената, а куќите се распоредени во низи и блокови. Подоцна, кога управувањето го презел синот на Кристофоро, Силвио Бенињо Креспи, започнала изградба на семејни куќи со градини.

Населбата била и едно од првите работнички места во Италија со модерно електрично јавно осветлување, благодарение на хидроцентрала што ги снабдувала со струја и фабриката и селото.


По големата економска криза во 1929 година и политичко-економските притисоци од тој период, семејството Креспи постепено ја изгубило контролата врз населбата. Од 70-тите години многу куќи преминале во приватна сопственост. Индустриската активност со текот на времето слабеела, но дел од погоните се обновени, а денес фабриката сè уште работи и меѓу вработените има потомци на првичните работници.


Креспи д'Ада нуди ретка можност да се види како изгледала една целосно планирана работничка заедница од времето кога индустријата ги обликувала животите и градовите и нуди вистинско патување низ времето, сместено во срцето на Северна Италија.

Извор: Punkufer.dnevnik.hr 
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот