X
 15.09.2017 Живот

Совети од Хелен Мирен за секоја жена: „Моите 40-ти беа добри. 50-тите одлични. 60-тите фантастични, додека 70-тите проклето феноменални!“

Хелен Мирен е британска актерка и ѕвезда во најдобрата смисла на зборот - таа не престанува да сјае. Се навикнавме на пластичната убавина, а Мирен ни покажува дека може и поинаку - со помош на многу работа, став и достоинство.

Таа не се плаши да го каже она што го мисли и знае тоа да го каже без влакна на јазикот. Ова се некои од нејзините највпечатливи цитати што може да ве инспирираат да бидете послободни и свои.

1. Сега кога имам 70 години, помладата верзија од себе би ја советувала да вели „од*би“ почесто.

2. И понатаму го имам она „циганско“ чувство за авантура. Мислам дека немам спиено во ист кревет повеќе од три или четири месеци во текот на целиот мој живот. Секогаш садам овошје чии плодови на крај не ги јадам и цвеќе кое нема да го видам како цвета. Отсекогаш сум се селела низ целиот свет.

3. Целата работа околу облекувањето е луда. Можете да потрошите еден долар на јакна во некој мал бутик, на пример, од втора рака.

И можете да потрошите илјада долари на јакна во трговски центар. И ако ги видите овие две јакни како шетаат низ улица, веројатно не би знаеле од каде се купени.

4. Жените треба да престанат да бидат љубезни. Ако имам деца, а немам, првата работа што ќе ја научам мојата ќерка е зборот: „од*би“.

5. Најтешкиот период во животот се 20-тите. Штета бидејќи тогаш сте најубави и физички во најдобра кондиција. Но ова е период и кога сте најнесигурни и полни со сомнежи во себе. Кога не знаете што ќе се случи, навистина е застрашувачко.

6. Јас сум тип на личност што се облекува во продавница од втора рака, но отвора шише шампањ.

7. Мислам дека секоја жена во нашата култура е феминистка. Можеби одбива да се изјасни како таква, но ако која било жена ја вратите 40 години назад и ѝ кажете: „Дали е ова свет во кој би сакале да живеете?“, тогаш таа би рекла: „Не“.

8. Чудна работа е што со текот на времето вам ви е сè поудобно во сопствената кожа, дури и кога времето ви дава сè помалку причини за тоа. Кога сте млади и убави, вие сте параноични и очајни. Мислам дека една од најголемите предности на стареењето е тоа што се ослободувате од некои работи.

9. Моите 40-ти беа добри. 50-тите одлични. 60-тите фантастични, додека 70-тите проклето феноменални!

10. Цел живот гледав девојчиња од 16 години како ја продаваат убавината, па затоа мислам дека е неверојатно што сега жените од 70 години рекламираат производи за жени од 60 до 80 години.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот