X
 07.10.2016 Образование

Тетово : Прифатен предлогот за привремена настава на гимназијалците

Импровизирана настава на тетовските гимназијалци кои следат настава на македонски јазик - тие во моментов одржуваат скратени часови во општинската зграда се додека не се реновираат двете згради од старото медицинско училиште кои беа предложени од локалните власти како привремено решение.

 

Учениците велат дека условите во општинската зграда се лоши, бидејќи одржуваат скратени часови.

 


 

“Не можеме да разбереме ништо на часовите. Невозможно е да се совлада материјалот за толку кратко време. Часовите траат 15 минути – тоа не е доволно “ - велат средношколците.

 

Свесни дека децата изгубиле голем дел од наставата, по одржаните родителски состаноци одлучено е да се прифати предлогот на општината, сметаат од Советот на родители. Но, тие бараат исполнување на сите барања.

 

“Бараме наставата да се спроведува во двете згради од старото медицинско училиште. Колку што сме информирани, во моментов се работи на едната зграда. Се додека не се завршат работите таму, нашите деца остануваат да одржуваат настава во просториите на општинската зграда“ - истакнаа од Советот на родители.

 

 

Од локалните власти велат дека  екипите се на терен и работат на приспособување на просториите за редовно одржување на наставата.

 

“Екипите работат на реновирање на просториите во старото медицинско училиште. Работата е започната веднаш по договорот со родителите и наставниците. Се надеваме дека во најкус можен рок гимназијалците ќе можат да започнат со редовна настава во соодветни простории“, изјави раководителот на Секторот за јавни дејности Ахмед Ќазими.

 

Од општината најавија дека реновирањето на просториите би требало да заврши за две недели. Тетовските гимназијалци повеќе од еден месец се без соодветни простории за спроведување на наставата.

 

 

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование