X
 12.10.2016 Живот

Емотивни рани од детството што остануваат и во зрелоста

Квалитетот на животот на возрасниот во голема мера зависи од тоа како се доживуваат многу настани во детството, особено на емотивно ниво. Емотивните рани или болните искуства во тој период oстануваат дел од личноста.

девојче

Авторката Лиз Бурбеу посочува 5 вакви емотивни рани:

Страв од напуштање

Осаменоста е најлош непријател на оние што биле напуштени во текот на детството. Кај нив постои внимание насочено кон недостатоците што би можело да влијае личноста често да иницира напуштање: на партнерот, проектот и сл, само за тие да не бидат напуштени од другите.  Лицата што биле напуштени во текот на детството мора да работат на стравот од осаменост и отфрлање и да ги победат невидливите бариери при физичките контакти.

Раните што се резултат на напуштање не се лечат лесно. Личноста обично сама станува свесна кога ќе почнат тие да се лекуваат и кога ќе исчезнат стравовите. Најважно е тие да се заменат со внатрешен дијалог полн со позитивни мисли.

Страв од отфрлање

Овој страв е производ на длабоки рани создадени од нешто што е доживеано, но и од мислите и чувствата во однос на тоа што се случило. Стравот од отфрленост е проследен со негативни мисли, чувство дека личноста е несакана и потценување на себе, т.е. неправилно себе-вреднување. Личноста што има вакви емотивни рани смета дека не заслужува симпатии или разбирање од другите и се изолира во својот внатрешен свет. Ако сте имале ваков страв во текот на детството веројатно е да станете „недостижна“ личност. Затоа, неопходно е да се работи на стравот и на ситуациите што доведуваат до паника.

Понижување

Детските емоции особено се ранливи кога постои чувството дека другите не го одобруваат она што го прави детето, или го критикуваат. Со прекорувањата дека се невоспитани, непристојни или безобразни им се уништува самодовербата. На овој начин детето зрее во личност што е зависна од другите. Егоизмот и напаѓањето на другите стануваат механизми за одбрана и оклоп, и додека се напаѓаат другите личноста мисли дека се штити себе си.

Лицата што кај себе ја препознаваат оваа емотивна рана треба да работат на својата самостојност, слобода и разбирање на сопствените потреби, стравови и приоритети.

Измама и страв да им се верува на луѓе

Раните од измама или недоверба се создаваат кај детето и во ситуации кога еден од родителите нема да го исполни ветувањето. Недовербата што ќе се јави може да резултира со мислење дека детето не го заслужува она што му било ветено. Ваквите детски искуства се основа за подоцна зрелата личност да биде сомничава и секогаш да сака да има сé само за себе. Веројатно е и да постои потреба да се има контрола над другите, што обично се оправдува со „силниот карактер на личноста“. Овие личности треба да работат на трпението и толеранцијата, да научат да бидат сами и да имаат одговорност за своите постапки.

Неправда

Неправдите оставаат белег на емотивно ниво кај детето ако возрасните со кои растеле биле ладни и авторитативни. Преголемите барања од детето создаваат чувства на неефикасност и безвредност што остануваат и кога личноста е возрасна. Овие личности веројатно е да се обидат да станат многу важни и да имаат голема моќ што може да доведе до создавање фантазии за ред и перфекционизам, како и до неспособност да бидат сигурни во одлуките што ги носат. Лицата со вакви емотивни рани треба да работат на довербата и на менталната цвртина, да се трудат да бидат што пофлексибилни и да веруваат во другите.

Ако препознавте некоја од овие емотивни рани и кај вас, соберете храброст и почнете да работите на себе.
Подготвил: М.Д.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот