X
 16.01.2017 Наука

Како ќе изгледа Земјата по 250 милиони години?

Научниците предвидуваат дека за 250 милиони години ќе се формира нов мегаконтинент - Амазија.

Северна и Јужна Америка ќе се спојат, а ќе им се приклучи и Евроазија, додека Карипското Море и Северниот Леден Океан ќе исчезнат, предвидуваат научниците од Јеил Универзитетот и јапонската Агенција за морско-копнени науки и технологија.

Тоа ќе се случи заради движењето на тектонските плочи кои во циклуси од повеќе стотини милиони години се спојуваат или се разделуваат.

Истражувањето кое е објавено во стручното списание „Nature“ се заснова на теоријата на ортоверзија, според која континентите, по распаѓањето на суперконтинентите, се оддалечуваат едни од други, но само до моментот на подвлекување на една тектонска плоча под друга.

Денешната точка после која континентите престануваат да се оддалечуваат еден од друг е Пацифичкиот огнен прстен и токму тука ќе се формира новиот суперконтинент.

За да го тестираат овој модел, истражувачите користеле палеомагнетски податоци за проучување на варијациите во Земјената ротација.

Тие варијации предизвикуваат промени во дистрибуцијата на масите на планетата, кои се обидуваат да го одржат ротациониот еквилибрум. Промените се случуваат во текот на повеќе милиони години.

Во комбинација на овие податоци со знаењето како суперконтинентите влијаат врз ротацијата на Земјата, научниците ја предвидуваат Амазија.

„Кога ќе исчезнат Северниот Леден Океан и Карипското Море, ќе бидеме на патот кон создавање на нов суперконтинент“, вели доктор Рос Мичел, водач на студијата. „Јужна и Северна Америка ќе се сретнат со Евроазија практично кај Северниот Пол.“

Независно од нив, до истиот заклучок дошол и доктор Масаки Јошида, геолог од Јапонија, кој својот труд го објавил во списанието „Geology“.

Последниот суперконтинент Пангеја бил формиран пред околу 300 милиони години, а во неговиот центар била Африка.

Почнал да се расцепува на континентите кои постојат денес, а 100 милиони години подоцна настанал Атлантикот.

Истражувачите веруваат дека Пангеја е третиот или четвртиот суперконтинент во историјата на Земјата. Пред него постоеле Родонија (пред милијарда години) и Нуна (пред 1,8 милијарда години).

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука