X
 16.05.2019 Политика

Васил Стерјовски стана првиот пратеник во албанскиот парламент во плурална Албанија кој доаѓа од македонска партија

Со давањето заклетва на денешната пленарна седница, Васил Стерјовски и официјално стана пратеник во албанскиот законодавен дом.

Со тоа тој стана првиот пратеник во албанскиот парламент во плурална Албанија кој доаѓа од македонска партија, но и воопшто како пратеник кој јавно се декларира како Македонец.

Стерјовски е дел од независната пратеничка група, која е формирана од пратениците на Социјалистичкото движење за интеграција, со кое Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) настапуваше во изборната коалиција во јуни 2017 година.

Подоцна на седницата се очекува тој да се обрати од собраниската говорница.

Васил Стерјовски е познат активист за правата на Македонците во Албанија. Запишан е на докторските студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Македонија, на Институтот за национална историја на студиската програма на хуманистички науки, потпрограма Историја на Македонија, со потесна област на истражување Македонците во Албанија.

Тој е генерален секретар на единствената македонска партија во Албанија, МАЕИ, а на последните локални избори беше избран и за советник во Советот на општина Пустец. Стерјовски беше и прв директор Македонец предложен од МАЕИ во Албанија. Тој раководеше со Регионалното комунално претпријатие во Корча.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика