X
 16.07.2019 Наука

НАСА го објави првото овошје што ќе се одгледува на Меѓународната вселенска станица

Ако сè оди според планот, во ноември оваа година истражувачите се надеваат дека ќе испратат семиња од чили-пиперка за астронаутите на Меѓународната вселенска станица да ги одгледуваат во вселената. Чили пиперката е овошје што припаѓа на растенијата од родот пиперки, членови на семејството, „Solanaceae“.

- Баравме растенија што не растат многу високо, а се продуктивни во контролирани средини - изјави физиологот за растенија на НАСА, Реј Вилер.

- Астронаутите честопати изразуваат желба за позачинета и повкусна храна, така што лутиот вкус се чинеше како добра работа. Плус, пиперките содржат витамин Ц, што е важно за исхраната во вселената - додаде тој.

Иако постојат илјадници различни видови чили-пиперки, „еспањола“ пиперките се избрани делумно затоа што растат на големи надморски височини, имаат краток период за растење и лесно се опрашуваат.

Астронаутите и космонаутите успешно одгледуваат растенија во вселенските станици уште од 1982 година, кога екипажот на советското вселенско летало „Салјут 7“ првпат почнал со одгледување на растението „арабидопсис“.

nasa
Фото: NASA

И руските космонаути уште од 2003 година јадат храна што сами ја произведуваат, а американските астронаути во 2015 година првпат пробале марула одгледана во вселената.

Сега на Меѓународната вселенска станица се одгледуваат различни видови зеленчуци, како марула, кинеска зелка, грашок итн. Важно е да се напомене дека грашокот, ботанички, е дел од овошјето, а Русите го одгледуваат со години во рускиот сегмент на Меѓународната вселенска станица. Но, ниту еден американски астронаут досега не одгледувал овошје во вселената, што значи дека подоцна оваа година чили-пиперката може да стане првото вакво растение.

Растенијата имаат проблеми со растењето во микрогравитацијата бидејќи нивните коренски системи се комплексни и обично ја користат гравитацијата на Земјата за да се ориентираат.

Но, астронаутите успешно ги „измамиле“ растенијата да почнат да растат во вселената со помош на специјални видови светлина, користејќи и друга технологија за да им помогнат на растенијата да утврдат каде е „горе“, а каде „долу“.

Во 2018 година нов, речиси самодоволен систем за растење наречен „Напредно живеалиште за растенијата“ бил испратен на Меѓународната вселенска станица, приклучувајќи му се на „Системот за производство на зеленчук“ за да му помогне на екипажот да произведе свежа храна.

Ова е важно за амбициозниот план на НАСА конечно да испрати луѓе на Марс.

- Можеме да ги изградиме сите ракети што сакаме да ги изградиме за да стигнеме до Марс, но тоа нема да функционира ако немаме храна за јадење - изјави Џејкоб Торес, научник за хортикултура во НАСА.

Истражувачите работат на различни култури во вселената, особено фокусирајќи се на широк спектар на хранливи материи и витамини.

- Треба да одгледаме доволно за да ја надополниме исхраната на астронаутите. Исто како овде на Земјата, не можеме да живееме јадејќи една иста работа. Замислете да каснете свежа пиперка по неколку месеци јадење картон - додава тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука