Американската актерка,
Мишел Вилијамс, ќе ја оживотвори прерано починатата пејачка, Џенис Џоплин, во биографскиот филм „Џенис“ што ќе почне да се снима оваа пролет, извести порталот „Deadline“.
Потребни беа повеќе од 20 години за биографијата на популарната пејачка конечно да ја види ‘светлината на денот’. Во последните дваесетина години, неколку актерски и пејачки имиња се поврзуваа со овој проект: Лили Тејлор, Пинк Дешанек, Нина Аријанда, за на крај улогата да ја добие Вилијамс.
Оваа пролет, актерката која на големиот екран веќе ја „долови“ филмската легенда Мерлин Монро во филмот „Мојата седмица со Мерилин“ и за што ја доби наградата Златен глобус 2012, ќе го почне снимањето на филмот во режија на канаѓанецот Шон Дуркин.
Важно е да се истакне дека овој филм се снима со одобрение на семејството на Џенис и дека се добиени правата за емитување на 24 нејзини песни, меѓу кои и популарните „Mercedes Benz“ и “„Me and Bobby McGee“.
Џоплин е родена во Тексас во 1943 година, а на своја дваесетгодишна возраст заминала во Сан Франциско, каде во 1967 бил забележан нејзиниот специфичен, рапав глас со специфична боја, но и необичниот сценски настап. Тогаш таа се приклучила на група што свирела психоделична рок-музика, „Big Brother and the Holding Company“. Нивната соработка резултирала со издавање на четири албуми и големи хитови како „Piece of my Heart“ и „Summertime“.
Идол ѝ била блуз-пејачката, Беси Смит. Имитирајќи го нејзиниот стил на пеење, го изградила сопствениот. Станала најдобрата бела пејачка на блуз во 20 век. Во текот на „Летото на љубовта“, во 1967 Џоплин се прославила со својот настап на „Monterey“ поп фестивалот, а две години подоцна и со брилијантната изведба на „Woodstock“.
Животот на популарната ѕвезда, загрозен од честото уживање во дрогата и алкохолот, ѝ завршил со прекумерна доза на кокаин на врвот од славата, во мотелската соба во Холивуд на 4. октомври 1970 на 27-годишна возраст.
Актерката Мишел Вилијамс се послави како Џен Линди во популарната тинејџерска ТВ серија „Dawson’s Creek“. Првата номинација за Оскар за најдобра женска споредна улога ја доби во 2005 за улогата во филмот „Brokeback Mountain“.
На снимањето го запозна актерот Хит Леџер со кого имаа тригодишна врска што заврши во 2007, кратко пред смртта на Леџер заради случајна предозираност со лекови. Од таа врска ја имаат заедничката ќерка Матилда Роуз.
За улогата во филмот „Blue Valentine“ во 2010, повторно беше номинирана за Оскар за најдобра главна женска улога, а последната успешна ролја ја оствари во филмот „Manchester by the Sea“.