X
 19.05.2017 Живот

Најголемото уметничко „злосторство“ на 20-от век

петит

Ретки се луѓето кај кои стоматологот буди убави сеќавања. Неизвесноста која гуши во чекалната можеби е понепријатна и од самата стоматолошка постапка. Во ваквите моменти, повеќето се трудат да ги тргнат мислите читајќи весници.

Во еден посебен момент, читајќи весник во стоматолошка ординација, еден посебен човек пронашол смисла во сопствениот живот.

Филип Петит бил роден на 13 август 1949 година во гратче од француската покраина Сена и Марна. Уште како момче започнал да се занимава со магионичарски трикови. Во него се јавила неодолива потреба да се качува по камења и на дрвја. Бунтовничката енергија кој уште од раѓање ја носел во себе го издвојувала од другите. На 16 годишна возраст тој за прв пат зачекорил на жица. Од тој момент, таа започнала да го одбележува не само неговиот живот, туку и животот на сите оние кои имале можност да ги набљудуваат неговите необични перформанси.

Одењето по жица станало најважен дел од животот на Филип и засенило сè останато. Иако околу себе имал многу пријатели кои му давале поддршка, сите нивни разговори се сведувале на Филип и неговите подвизи; а во времето на неговото самоуко усовршување, тој сменил пет училишта.

2

Како што вели тој, во една година ги научил сите акробации, со што на 17 години се запрашал што е толку посебно во одењето на жица. Повеќе не наоѓал убавина во движењата кои ги научил, па одлучил да создаде сопствена уметност. Токму тогаш, во стоматолошката ординација, тој пронашол новинарска статија за изградбата на Кулите близначки во Њујорк. Со еден потег на пенкалото тој ги поврзува крововите на двете најголеми згради во тоа време и ја поставува неговата животна цел: одење на жица од едната до другата кула.

Највисоките делови на комплексот Светски трговски центар во 1966 година, кога Филип ги открил, сè уште не биле изградени. Пред подвигот, наречен „le coup“ (удар), Петит извел неколку извонредни перформанси, веројатно како подготовка за главниот. Во Париз 1971 година, тој ја поминува далечината помеѓу кулите на катедралата Нотрдам, а две години подоцна поставува жица која води до врвот на пристанишниот мост во Сиднеј.

Во неколку наврати патувал во Њујорк. Со месеци ги проучувал Кулите близначки. Ги фотографирал, мерел, правел макети, се трудел да го пронајде најдобриот начин за влегување во зградата и ги предвидувал сите можни опасности, од кои ветрот била најголема; во една прилика тој изнајмил хеликоптер со чија помош добива фотографии од висина. Под маската на електричар кој ги проверува инсталациите на кровот, на 6 август 1973 година со своите пријатели влегол во двете згради.

Нешто после 7 часот наутро, на 7 август 1973 година, Петит застанал на жицата. На висина од околу 410 метри, се движи околу 45 минути. Во текот на преминувањето од едниот на другиот крај тој танцувал, ги поздравувал гледачите и лежел на жицата. На прашањето дали се плашел од смртта, одговорил одречно. Според него, таквата смрт би била најубава која би можел да ја има. Да умре додека си го реализира сонот, и во убавината на подвигот, да ја забавува публиката - тоа би било привилегија.

„Le coup“ очигледно не бил легален. Полицијата отишла на крововите на двете згради и му наредила да слезе, но и покрај заканите, тој стигнува на сигурно тогаш кога започнува да врне. Бил уапсен, а казната ја отслужил со акробации во Централ парк.

3

Никогаш не престанал со одење на жица. Иако бил дел од циркусот „Ringling brothers“, за брзо време се вратил на самостојните перформанси. Единствениот пад се случил во циркусот - изгубил рамнотежа на висина од 14 метри и скршил неколку ребра.

Редовно држи меѓународни работилници и предавања. Напишал осум книги во кои ги опишува неговите подвизи. За него е снимен документарецот „Man on Wire“, и филмот „The Walk“.

Инспиративниот живот кој продолжува и после августовското утро никогаш не го засенил „Le Coup“, а Филип Петит останува запомнет како човек на жицата, извршител на најголемото уметничко „злосторство“ на 20-от век.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот