X
 29.03.2024 Образование

Историски најниски бројки: За една година бројот на средношколци намален за речиси 2.000, а на основци за речиси 3.000

На почетокот на учебната 2023/2024 година бројот на учениците во редовните основни училишта изнесува 182.124, што претставува намалување за 1,6% во споредба со претходната учебна година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Бројот на учениците во редовните средни училишта, на почетокот на учебната 2023/2024 година изнесува 67.278, што претставува намалување за 2,8% во споредба со претходната учебна година.

Едноставна математика покажува дека бројот на основци за само една година се намалил за 2.975 ученици - од 185.099 колку што сме имале лани на годинашните 182.124.

Според податоците на ДЗС, во Македонија на почетокот на учебнава година има 955 основни училишта (едно помалку од лани) со 11.103 паралелки (13 помалку од лани) и 18.831 наставник (219 помалку од лани).

Во земјава има 34 специјални основни училишта со 148 паралелки и 535 ученици, во кои работат 228 наставници.

Имаме и 11 основни училишта за возрасни со 33 паралелки и 367 ученици, во кои работат 41 наставник.



Во однос на средното образование, може да се забележи дека бројот на училиштата е ист како лани, но бројот на паралелки е намален за 30, од 3.530 на 3.500. Бројот на средношколци, пак, е намален за 1.949 ученици, од 69.227, колку што биле лани, на 67.278. Сепак, бројот на наставници расте и од 7.047, колку што имало лани, пораснал на 7.051, од кои 4.509 се жени. Од вкупниот број наставници 6.232 се со полно работно време, покажуваат податоците.

Во Македонија има 4 специјални средни училишта со 61 паралелка, 247 ученици и 81 наставник.

Имаме и 2 средни верски училишта со 13 паралелки, 135 ученици и 40 наставници, меѓу кои нема жени.



За да имаме претстава колку многу ни е намален бројот на ученици во земјава, треба само да се потсетиме дека на почетокот на учебната 2009/2010 година имавме 210.381 основец и 95.343 средношколци.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование