Светската здравствена организација (СЗО) потврди дека има ширење на смртоносниот вирус марбург во Екваторска Гвинеја. Вирусот досега предизвикал барем еден смртен случај во земјата, но се поврзува со уште осум случаи. Има сомнеж за уште 16 заразени лица.
Симптомите на пациентите се треска, умор, повраќање со крв и дијареја. Вирусот во Екваторска Гвинеја се појавил околу шест месеци по негово ширење во Гана. Вирусот ретко се наоѓа кај луѓето, но многу лесно се пренесува и може да биде фатален. Од него умираат просечно 50 отсто од заболените пациенти. За време на епидемија на вирусот во Ангола во 2005 година смртноста изнесувала 88 отсто.
Заболувањето најчесто започнува со висока телесна температура, главоболка и чувство на слабост. Може да се забележат вртоглавица, болка во мускулите и болка во абдоменот. Експертите велат дека некои пациенти добиваат исип кој не чеша на градите, грбот или стомакот на пациентот. Во фаталните случаи, смртта најчесто настапува помеѓу осмиот и деветтиот ден од заболувањето.
Засега нема вакцини или третман за вирусот, но се користат третмани за специфични симптоми кои може да ги зголемат шансите за преживување. Симптомите наликуваат на симптомите при маларија и ебола.
Вирусот се пренесува на луѓето од вид лилјаци кои природно го носат. Тој не е респираторен, односно луѓето се заразуваат со директен контакт со течност на заразено лице.
Извор:
Insider
Насловна фотографија: Freepik