На 36-годишна возраст почина Хејден Панетиер. Само неколку месеци пред смртта ги објави мемоарите „Ова сум јас: Пресметка“, во кои отворено зборуваше за својот живот.
Кариерата ја започна како бебе во реклами, а светска популарност стекна со улогите во сериите „Херои“ и „Нешвил“ и во франшизата „Вресок“. Зад успехот на екранот, Панетиер пишуваше за борбите што се одвиваа далеку од јавноста – зависноста од алкохол, депресијата, насилните врски и притисокот од растењето во забавната индустрија.
Во книгата, која излезе во продажба на 19 мај, Панетиер опиша низа потресни искуства. Меѓу нив се вознемирувачки средби со моќни личности во Холивуд и болната одлука нејзината ќерка Каја да живее со нејзиниот поранешен партнер Владимир Кличко.
Предупредување од лекар и зависност од 15-годишна возраст
Детално го опиша моментот во кој лекарот ја предупредил дека алкохолизмот би можел да ја убие во рок од пет години. Во мемоарите пишува како со алкохол се обидувала да ги ублажи депресијата, траумата и емоционалната болка. Својата зависност ја опишува како маѓепсан круг на негирање и очај.
Се присети и на тешките симптоми на апстиненцијална криза кои ги преживеала за време на осуммесечното лекување во 2020 година, а кои вклучувале неконтролирано треперење, несоница и силни главоболки.
Иако на 11 години веќе била ѕвезда, Панетиер откри дека имала само 15 години кога некој од нејзиниот тим почнал да ѝ нуди „апчиња за среќа“ пред излегувањата на црвениот тепих.
- Служеа за да бидам полетно расположена за време на интервјуата. Немав поим дека тоа не е соодветно, ниту каква врата ќе ми отвори кога станува збор за зависноста - откри Панетиер.
Одлука ќерката да живее со таткото
Панетиер зборуваше за болната одлука да ѝ дозволи на ќерката Каја да живее со нејзиниот поранешен свршеник Владимир Кличко. Рече дека таа раздвоеност ја скршила.
- Тоа што не сме под ист покрив секој ден е најтешкото искуство во мојот живот - пишува таа.
Глумицата наведе дека зависноста, тагата и депресијата во тоа време влијаеле врз нејзината способност да биде родител. Истовремено го фалеше Кличко како „неверојатен татко“ и откри дека нејзината врска со ќерката останала исклучително силна и покрај оддалеченоста.
Вознемирувачки инцидент на јахта на 18 години
Во еден од најпотресните делови од мемоарите, Панетиер се присети како личност на која ѝ верувала ја одвела на јахта. Тврди дека потоа ја испратиле во мала соба и ја сместиле во кревет покрај постара позната личност. Глумицата рече дека мислела дека се работи за обично излегување, но набрзо сфатила дека е во опасност. Побегнала од собата и се сокрила во друг дел од бродот, а напиша дека тој настан целосно го променил нејзиниот поглед на младоста во Холивуд.
Личноста која ја довела во таа ситуација била некоја на која длабоко ѝ верувала. „Тоа го направи некој кого го сметав за заштитник и личност која ми го чува грбот“, рече Панетиер и додаде дека веднаш преминала во режим за преживување.
Бакнеж од директорот на Ен-би-си и раскинување на врската
Мемоарите се осврнуваат и на клучен момент од нејзината врска со поранешното момче Мајло Вентимилија во времето на популарноста на серијата „Херои“. Панетиер тврди дека извршен директор на Ен-би-си неочекувано ја бакнал в уста на една забава во 2008 година.
Вентимилија тој чин наводно го сметал за целосно несоодветен и Панетиер вели дека инцидентот создал тензија меѓу нив и придонел за распадот на нивната врска.
Халуциногени печурки со екипата на филмот „Вресок 4“
За време на снимањето на филмот „Вресок 4“ во 2011 година Панетиер се зближила со колегите, а особено помни еден излет кој го организирала Нев Кембел. Глумицата откри дека тогаш првпат пробала халуциногени печурки.
- Никогаш претходно немав пробано печурки и не знаев што да очекувам, но се чувствував толку пријатно со пријателите што не се грижев. Знаев дека ќе се грижат за мене и ќе се погрижат искуството да ми помине без стрес - се присетила таа.
Трагична смрт на помладиот брат Џансен
Панетиер се присети на моментот кога дознала дека нејзиниот помлад брат Џансен ненадејно починал во февруари 2023 година на 28-годишна возраст. Пишува како татко ѝ ѝ јавил и ги изговорил зборовите: „Џансен е мртов. Моето момче е мртво.“
Вели дека веднаш почнала панично да испрашува што се случило, но набрзо сфатила дека таа мора да ѝ ја јави веста на нивната мајка. Глумицата опишува надреален мир кој ја обземал за време на таа трагична вест и објаснува дека годините поминати на лекување ѝ помогнале да го преживее тој момент.
Во февруари 2023 година беше потврдено дека Џансен починал од компликации со недијагностицирано зголемено срце. Претходно за „Пипл“ изјави:
- Кога го изгубив, се чувствував како да изгубив половина од мојата душа... Поради него, срцето секогаш ќе ми биде скршено, никогаш нема да можам да го преболам тоа. Без оглед на тоа колку години ќе поминат, никогаш нема да се помирам со таа загуба.
Фото: принтскрин/инстаграм