X
 22.08.2026 Живот

Катерина Ѓеровски е сениор менаџер за ЧР-операции во меѓународна компанија, за регионот Европа, Африка и Блискиот Исток: „Германија ме научи на структура, прецизност и одговорност“

Меѓународна кариера не се гради одеднаш, туку чекор по чекор, со многу труд, отвореност и верба дека и од мала земја може да се стигне многу далеку, изјавува Катерина

Катерина Ѓеровски заврши Економски факултет во Македонија и кариерниот пат полека но сигурно ја однесе до лидер на ЧР-операции за Европа, Африка и Блискиот Исток во SAP Fioneer (SAP Fioneer: World-class solutions for financial services).

- Мојот кариерен пат започна на Економскиот факултет во Македонија, каде што ги добив основите за разбирање на бизнисот, организациите и улогата на луѓето во нивниот развој. Но, вистинската љубопитност кон меѓународниот ЧР се разви подоцна, преку работното искуство во Македонија во компании кои работеа со меѓународни клиенти и пазари и имаа централно раководство во други држави - изјави Катерина.

Токму тоа искуство ја поттикна да истражува повеќе. Почнува да работи и на меѓународни ЧР-проекти преку „Апворк“ (Upwork), каде што има можност да соработува со различни компании, култури и начини на работа.



- Соработував со клиенти од цел свет, САД, Холандија, Франција, Шпанија, Естонија, Кувајт, Индија, Сингапур, Јужна Африка се дел од нив. Тогаш сфатив колку широка и стратешка може да биде улогата на ЧР. Со вистинските луѓе, ресурси и поддршка, ЧР не е само функција што следи процеси, туку вистински бизнис-партнер кој може да создава, подобрува и иновира - дополнува Катерина.

Најважната лекција е да не се изгубите себеси

Таа сфатила дека нејзиното место е во динамична, глобална и мултинационална средина. Средина исполнета со можности, знаење, предизвици и простор да се направи нешто конкретно, а не само да се зборува за промени. Потоа се преселила во Германија, каде што ја продолжила кариерата кај истиот работодавец кај кого е и денес, гигант во сферата на технологијата.

- Со текот на времето растев заедно со тимот и со компанијата. Особено сум горда што имавме можност да изградиме многу нови ЧР-процеси од нула и да ги прошириме нашите операции во повеќе земји. Денес мојата функција е сениор менаџер за ЧР-операции во ЕМЕА регион (Европа, Африка и Блискиот Исток) и е насочена кон оперирање во меѓународна средина, поддршка на вработени и менаџери во различни земји, постојано унапредување на процеси, основање ЧР-операции во сосема нови земји, како и создавање процеси кои се практични, усогласени и применливи во различни културни и правни контексти. И тоа е токму она што најмногу ме исполнува: кога ЧР има видливо и директно влијание врз бизнисот и врз луѓето - објаснува Катерина.



Најголем предизвик при преселбата во Германија ѝ било тоа што требало повторно да изгради сè - не само професионално, туку и лично. Нов јазик, нов систем, нова култура, нов начин на комуникација и нови очекувања во работната средина.

- Кога се преселувате во друга земја, не носите со себе само си-ви и работно искуство - носите и желба да се докажете во средина која на почетокот воопшто не ви е позната. Во глобална компанија и мултикултурна средина, предизвикот е уште поголем затоа што секојдневно работите со луѓе од различни земји, со различни стилови на комуникација, различни очекувања и различни начини на носење одлуки. Тоа бара многу трпение, флексибилност и способност да слушате пред да реагирате. Дополнително, конкуренцијата во Германија е многу силна уште од самиот почеток. Луѓето најчесто имаат одлично образование, патуваат и се изложени на меѓународна средина уште од млада возраст, а дури и нивните практикантски искуства често се во навистина реномирани компании. Кога на тоа ќе се додаде и нивното професионално искуство, станува јасно дека влегувате во средина каде што стандардите се многу високи - вели Катерина.

Но, токму тоа ја прави средината многу плодна и инспиративна, додава таа. Постојано сте опкружени со амбициозни, образовани и остварени луѓе, што ве мотивира и вас да учите повеќе, да се развивате побрзо и да дадете повеќе од себе.



- Германија ме научи на структура, прецизност и одговорност, додека глобалната работна средина ме научи дека добриот ЧР-професионалец мора да има и многу емпатија, културна свесност и напредно размислување. Не е доволно само да знаете што пишува во процесот или процедурата за работа - важно е да седнете на иста маса со луѓето и да разберете како сето тоа функционира за нив во реалноста. И многу, многу да читате и да се едуцирате на таа тема. Најважната лекција за мене беше дека адаптацијата не значи да се изгубите себеси. Напротив, значи да научите како своето знаење, вредности и искуство да ги примените во нова средина и да им дадете уникатна вредност. Тоа искуство ме направи посилна, посигурна и многу посвесна за тоа колку различноста може да биде голема предност ако ѝ пристапите со отвореност и почит - споделува Катерина.

Со текот на времето учите да не се плашите од непознатото


Таа неодамна доби уште едно унапредување и работи и на ЧР-операции надвор од ЕМЕА регионот (Европа, Блискиот Исток и Африка). Новата позиција за неа значи поголема професионална доверба и нов поим за одговорност.

- Покрај водењето поголем тим, водам и неколку други нови интернационални проекти и работам и на воспоставување ЧР-операции во нови ќерки-компании и надвор од ЕМЕА регионот, како на пример Нов Зеланд. Во блиска иднина ќе следуваат и други нови земји.
Она што е најинтересно е што кога се основаат операции во нова земја, најчесто се започнува од нула. Нема готов пат, нема секогаш јасни одговори, а роковите знаат да бидат многу кратки. Но, со вистински тим, снаодливост и многу посветеност, дури и она што на почеток изгледа невозможно станува возможно. Најубавиот дел е што со текот на времето учите да не се плашите од непознатото, туку да го гледате како авантура. Знаете дека на крајот ќе најдете решение, ќе изградите нешто ново и ќе излезете побогати за уште едно искуство, и професионално и како личност - ни споделува нашата соговорничка.



Тимот со кој работи е навистина разновиден (речиси сите живеат во различни земји), и токму тоа ѝ носи големо задоволство.

- Мојот совет до младите е да не чекаат совршен момент. Почнете со тоа што го имате: јазик, пракса, онлајн проект, волонтерство или контакт со луѓе од други земји. Бидете љубопитни, дисциплинирани и храбри. Прашајте ги за совет оние што веќе се на тој пат. Меѓународна кариера не се гради одеднаш, туку чекор по чекор, со многу труд, отвореност и верба дека и од мала земја може да се стигне многу далеку - подвлекува Катерина.

Она што најмногу ја мотивира постојано да напредува е динамиката на ЧР во глобална средина.

- Тоа е професија во која една добра одлука или процес може многу брзо да допре до многу луѓе, да им помогне на тимовите и истовремено да го забрза растот на бизнисот. Резултатите често се гледаат брзо, а тоа создава посебна енергија и постојана мотивација да се оди понатаму. Исто така, ме мотивира тоа што имам огромна поддршка од моето семејство и пријателите. Мојот сопруг, моите родители, мојот брат, сите мои блиски луѓе во Македонија, во Германија и во други земји низ светот. А најмногу од сè ме мотивира тоа што имам мала ќеркичка дома која сонувам да ја инспирирам да верува дека со многу труд и голема желба може да постигне сѐ што ќе посака, на секое поле од животот. Во иднина се гледам во уште поглобална функција исполнета со уште поголеми авантури и нови земји. Светот е огромен, како и човековиот потенцијал. Тоа е најубавата и најмотивирачка вистина што постои - изјавува Катерина.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот