X
 22.08.2026 Живот

Безбедност и ефикасност на Er:YAG ласерот во третманот на атрофични лузни од акни

Атрофичните лузни од акни се честа последица на acne vulgaris и можат значајно да влијаат врз самодовербата и квалитетот на животот на пациентите. За подобрување на нивниот клинички и естетски изглед се користат различни терапевтски пристапи, при што Er:YAG (ербиум-допиран итриум-алуминиум-гранат) ласерот се издвојува како современ и прецизен терапевтски модалитет. Во овој приказ на случај се оценуваат безбедноста и ефикасноста на Er:YAG ласерот кај пациент со умеренa до тешкa форми на атрофични лузни од акни. Како приказ на случај е избран пациент на возраст од 21 година, со анамнеза за нодулоцистична форма на акни. По спроведениот третман со Er:YAG ласер беше забележано видно подобрување на текстурата и драстично намалување на длабочината на атрофичните лузни, со минимални и краткотрајни несакани реакции.

Вовед

Acne vulgaris претставува често воспалително заболување на пилосебацeалната единица, особено застапено во адолесцентниот период. Кај потешките форми заболувањето може да заврши со трајни лузни, кои во значителна мера го нарушуваат изгледот на кожата и психосоцијалната благосостојба на пациентот.
Атрофичните лузни се карактеризираат со вдлабнувања на површината на кожата и губиток на дермално ткиво поради недоволна синтеза на колаген за време на заздравувањето на воспалитекните акни. Тие се едни од најсложените дерматолошки состојби за третман, особено кога се длабоки, неправилни или комбинирани со различни морфолошки типови.

Во клиничката пракса се применуваат повеќе третмански методи, вклучувајќи хемиски пилинг, дермални филери, субцизија, микродермоабразија и различни ласерски технологии. Ласерските третмани, особено Er:YAG ласерот, добија значајно место поради можноста за контролирана аблација, минимално термичко оштетување,побрзо заздравување ,помал ризик од несакани ефекти како и пократок период на опоравување.
Er:YAG ласерите работат на бранова должина од 2940 nm, која силно се апсорбира од водата во кожата. Ова овозможува прецизно отстранување на површинските слоеви на ткивото, со ограничено термичко оштетување на околните структури. Целта на овој приказ е да се прикаже клиничкиот исход, безбедноста и ефикасноста на Er:YAG ласерскиот третман кај пациент со атрофични лузни од акни.

Приказ на случај

Податоци за пациентот
• Возраст: 21 година.
• Пол: машки.
• Датум на раѓање: 7.7.2004 година.
• Историја на болеста: пациентот претходно имал умерена до тешка форма на acne vulgaris, третирана со локални и системски ретиноиди; изотретиноин 30 mg во период од 6 месеци.
• Минати заболувања:пациентот не пријави значајни претходни заболувања, алергии или активни дерматолошки состојби во моментот на прегледот.
• Главни тегоби: умерени до тешки атрофични лузни, локализирани претежно во пределот на образите и слепоочната регија, настанати како последица на нодулоцистична форма на акни од пред една година.Лузните се длабоки, со неправилни контури и со изразено влијание врз субјективната перцепција на пациентот за сопствениот изглед.

Почетна клиничка проценка

• Според класификацијата на Goodman и Baron, лузните беа класифицирани како rolling и boxcar тип.
• Во моментот на консултацијата не беа присутни активни воспалителни лезии ниту цистични акни.
• Пациентот беше во добра општа здравствена состојба и без контраиндикации за ласерски третман.

План на третман

• Ласерска модалност: Er:YAG ласер, 2940 nm (Fotona SP Dynamis).
• Терапевтски протокол: третман со фракционен Er:YAG ласер.
• Параметри на третманот: енергија 60 J/cm², рачка FS01, времетраење на пулсот LP (Long Pulse), Turbo 4 Mode.
• Вкупен број на поминува: 4.
• Анестезија: локалнаанестезија со 5% лидокаин крем, аплицирана 30 минути пред процедурата.
• Постпроцедурална нега: нанесување на Uriage Bariéderm CICA-Cu-Zn крема двапати дневно и избегнување изложување на сонце најмалку две недели.
Благ еритем и дискретен едем беа очекувани реакции по процедурата и се повлекоа во рок од неколку часа.

Клинички исход

Непосреден исход по третманот
После ласерскиот третман беше забележан благ еритем и оток, кои спонтано се повлекуваа во период од 24 до 48 часа. Не беа регистрирани други несакани ефекти како инфекција, хиперпигментација или хипопигментација.

Контролни прегледи и подобрување на лузните

Пациентот беше следен на месечни интервали по третманот. Според глобалната скала за проценка, направена од пациентот и лекарот, само со еден ласерски третман беше постигнато вкупно подобрување од приближно 50–60% во изгледот на атрофичните лузни. Лузните се помалку видливи, со намалена длабочина и подобрена текстура на кожата.
Лузните од rolling тип покажаа подобар терапевтски одговор во споредба со boxcar лузните, кои реагираа побавно и може да бараат дополнителен или комбиниран третман.

Задоволство на пациентот

Пациентот пријави значително подобрување на самодовербата и квалитетот на животот, како и намалување на социјалната непријатност поврзана со состојбата на кожата. Изрази задоволство од постигнатиот резултат и од краткиот период на опоравување.

Клиничка документација



Дискусија

Er:YAG ласерот е ефикасна терапевтска опција за атрофични лузни од акни, бидејќи овозможува ремоделирање на колагенот и обновување на кожата. Неговата контролирана длабочина на пенетрација, селективното делување во одредени слоеви на дермисот и минималното термичко оштетување го прават соодветен избор за пациенти со атрофични лузни.

Во овој случај беше постигнато јасно клиничко подобрување на текстурата и изгледот на лузните. Третманот беше добро толериран, со краткотрајни и лесни несакани реакции, како еритем, едем и блага непријатност. Не беа забележани постинфламаторна хиперпигментација, хипопигментација или инфекција.

Постигнатиот резултат е во согласност со податоците од литературата, според кои Er:YAG ласерската терапија може значајно да го подобри изгледот на атрофичните лузни. Фракционата техника, при која се третира само дел од кожната површина, а околното ткиво останува зачувано, овозможува побрзо заздравување и подобра толеранција на третманот.

Сепак, терапевтскиот одговор може да варира во зависност од типот, длабочината и староста на лузните. Boxcar и Ice-pick лузните, на пример, често бараат повеќе сесии или комбиниран пристап, како субцизија и/или дермални филери, за постигнување оптимален клинички резултат.

Заклучок

Er:YAG ласерот претставува безбедна и ефикасна терапевтска модалност за третман на атрофични лузни од акни. Прикажаниот случај демонстрира значајно подобрување на текстурата и изгледот на лузните, со минимални несакани реакции и краток период на опоравување.

Овие резултати укажуваат дека Er:YAG ласерот може да се разгледува како терапија од прв избор кај пациенти со умерени до тешки атрофични лузни од акни. 
Потребни се дополнителни клинички студии со поголем број пациенти и подолг период на следење за попрецизна проценка на долгорочните резултати и можностите за комбинирана терапија.

Автор: д-р Гордана Лазарова Стојановска, Приватна болница „Ремедика“ – Скопје

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот