Британскиот метеоролошки завод „Мет офис“ предупреди дека Ел Нињо, кој моментално се развива во Тихиот Океан, би можел да стане најсилниот во модерната историја. Станува збор за моќен природен климатски феномен кој ги покачува глобалните температури и може да го зголеми ризикот од екстремни временски непогоди, пишува Би-би-си.
Поради дополнителното влијание на климатските промени предизвикани од човекот, „Мет офис“ наведува дека е многу веројатно 2027 да стане најтоплата година откако постојат мерења. Веќе постојат многу докази дека временските шеми низ светот се менуваат. На пример, монсунските дождови во Индија се послаби од просекот, а активноста на ураганите во Атлантскиот Океан е намалена. Во Обединетото Кралство, Ел Нињо би можел да донесе поголем ризик од дождлива есен. „
Што е Ел Нињо?
Ел Нињо е природен временски образец кој се јавува на секои две до седум години и трае околу една година. Пасатите, ветрови кои вообичаено дуваат од исток кон запад преку Тихиот Океан, можат да ослабат или дури и да ја променат насоката, што ѝ овозможува на топлата вода да се прошири кон исток. Топлината од океанот се ослободува во атмосферата, поради што растат глобалните температури и се менува распоредот на врнежите. Научниците прогласуваат Ел Нињо кога температурите на морската површина во клучниот дел од Пацификот се најмалку 0,5 °C над просекот. Моменталните мерења покажуваат дека тие се повеќе од 2 °C над нормалата. Според најновите прогнози на „Мет офис“, тие отстапувања оваа година би можеле да надминат 3 °C, како што Ел Нињо ќе се приближува кон врвот. Тоа би бил рекорден пораст во историјата на мерењата кои датираат од 1950 година, а веројатно и најсилен таков настан од 19 век. Овој Ел Нињо би можеле дополнително да го засилат многу високите температури во подлабоките слоеви на океанот. Таму, на некои места на длабочина од 100 метри, температурите се дури 8 °C над нормалата. Тој слој топла вода служи како резервоар на гориво кој го одржува и засилува целиот феномен.
- Пред нас се уште многу месеци на развој на овој феномен и тоа е една од причините зошто сме сè посигурни дека ова ќе биде рекорден настан - вели д-р Зик Хаусфатер, климатолог од американската истражувачка група „Беркли ерт“. Некои други климатски групи предвидуваат уште посилно сценарио од прогнозата на „Мет офис“, со температури кои би можеле да бидат 4 °C над просекот. Доколку тоа се оствари, Хаусфатер вели дека не е невозможно ова да биде најсилниот Ел Нињо во последните 500 или дури 1.000 години, иако за толку далечно минато е невозможно да се донесуваат сигурни заклучоци.
Влијание врз времето во светот
Промената во распоредот на топлината преку океанот и поместувањата во струењето на ветровите во атмосферата можат да имаат далекосежни последици врз времето во целиот свет. Не постојат два идентични Ел Нињо феномени и нивните ефекти можат да варираат, но доказите покажуваат дека последиците веќе се чувствуваат. На пример, во годините на Ел Нињо, југозападниот монсун во Јужна Азија често носи помалку дожд, а во текот на 2026 година врнежите засега се значително под нормалата. Промените во ветровите на Карибите и тропскиот Атлантик можат да го намалат бројот на урагани. Во досегашниот дел од сезоната се забележани само три именувани бури. Во подрачјата блиску до тропскиот Пацифик влијанието на Ел Нињо може да биде разурнувачко. На Австралија ѝ се закануваат суши и шумски пожари, додека на Перу, Еквадор и југот на Соединетите Американски Држави им се заканува зголемена опасност од поплави.
Се смета дека Ел Нињо не бил главната причина за рекордните топлотни бранови што го обележаа летото. Сепак, би можел да има поголемо влијание врз времето во текот на есента и почетокот на зимата, со зголемена можност за влажни услови во Северозападна Европа, вклучително и Британија. Иако звучи противречно, Ел Нињо исто така може да ги зголеми шансите за студено време при крајот на зимата, иако тие врски се прилично слаби.
За време на Ел Нињо, океанот ослободува огромна количина топлина во атмосферата. Климатологот Ник Данстон објаснува дека тоа доведува до пораст на глобалната просечна температура, посебно во календарската година која следува по зимскиот врв на Ел Нињо. Поради тоа, многу е веројатно дека 2027 година ќе ја замени 2024 како најтопла година во историјата на мерењата.
Организацијата за храна и земјоделство на ОН предупреди дека Ел Нињо би можел да загрози десетици милиони луѓе во ризичните земји, на кои им се заканува критично ниво на несигурност во снабдувањето со храна.
Фото: magnific