„Бордер бискитс“, компанија за производство на бисквити, е во потрага по кандидат што ќе ги работи сите важни задачи поврзани со тестирање на вкусот на бисквитите, со импресивна годишна плата од 40.000 фунти.
Компанијата бара личност со талент за печење и изострен вкус, затоа што ќе треба да создава нови вкусови, но и да го води тимот кон иновации, квалитет и одржливост.
- Ова е неверојатна можност некој да го исполни својот сон за создавање вкусни задоволства секој ден, и над сѐ, да биде платен за тоа - вели Пол Паркинс, управниот директор на „Бордер бискитс“.
Успешниот кандидат ќе ја добие титулата мајстор бисквитар и ќе го води тимот кон создавање идеи за нови креации со бисквити.
- Ги охрабруваме луѓето да аплицираат. Со нетрпение ги очекуваме интервјуата со големи таленти - додава тој.
Кандидатот што ќе биде избран ќе има и 35 дена одмор годишно, бесплатен паркинг, можност за учење и развој и, секако, бесплатни бисквити.
Основана во 1984 година, „Бордер бискитс“ е семејна фирма позната по својот најпродаван „дарк чоклет џинџер“, кој е број еден бисквит обложен со чоколадо.
Повеќе детали за улогата и начинот на аплицирање може да се најдат на
веб-страницата на „Бордер бискитс“.
Фото: Freepik