Во Германија секој шести граѓанин е на раб на сиромаштија. Растот на цените на гасот, струјата и на основните намирници е нов предизвик за земјата.
Иако Германија е една од најбогатите земји на светот, 13,8 милиони лица се на работ на сиромаштија или живеат во немаштија, покажуваат податоци од извештај за сиромаштија. А германската Влада во својот извештај за сиромаштијата констатира дека е сѐ поголем јазот меѓу богатите и сиромашните. Тоа не значи дека луѓето во Германија умираат од глад или студ бидејќи никој не им помага, или дека умираат од болести бидејќи немаат пристап до медицинска нега. Во социологијата има разлика меѓу апсолутна сиромаштија, кога луѓето не можат да ги задоволат основните потреби, и релативна сиромаштија, која се мери со просечните животни околности во едно општество.
На светската листа за богатство, Германија лани се најде на 20. место. Критериумот е БДП по жител. Во Германија таа вредност изнесува 50.700 долари.
Додека во најсиромашните земји во светот луѓето обично живеат во апсолутна сиромаштија, луѓето во Европа по правило се погодени од релативната сиромаштија. тие мораат да живеат со важни материјални ограничувања. Во ЕУ оној што има на располагање помалку од 60 отсто од просечните месечни приходи или е загрозен од сиромаштија или сиромашен. Ако некој има помалку од 50 отсто од просечните приходи, тогаш е многу сиромашен.
Во Германија самците чии приходи се помали од 1.148 евра месечно се сметаат за сиромашни. Самохраните мајки со мали деца се сиромашни кога имаат приходи помали од 1.492 евра, а родителите со две деца се сметаат за сиромашни ако имаат приходи под границата од 2.410 евра.
Германија се дефинира како социјална држава. Кој не може да најде работа или не е во состојба да работи, а нема приходи, добива основна социјална помош. Се добиваат пари за животните трошоци, а трошоците за кирија, греење, вода и здравствено осигурување ги презема државата. Во 2020 година во Германија така - со делумна или целосна помош - живееле 5,3 милиони лица.
Кој сам се грижи за дете, добива 449 евра месечно. Со тие пари мора да се платат намирниците, облеката, средствата за одржување хигиена, интернетот, телефонот, струјата и сите други трошоци на домаќинството. Ако две сиромашни лица живеат во заедница, тогаш добиваат по 404 евра. Но, за секое дете, во зависност од возраста, се добиваат помеѓу 285 и 376 евра.
Организациите што се занимаваат со помагање на сиромашните постојано наведуваат дека основното социјално осигурување не ја спречува сиромаштијата и не е доволно за вистинско учество во животот. Владата од идната година има намера да ги зголеми основните приходи на сиромашните. Тогаш основната помош ќе изнесува 502 евра. Но, социолозите сметаат дека 650 евра е минималната сума што гарантира достоинствен живот и нормална, здрава исхрана.
Инфлацијата ги влошува нештата, па загрозени се и оние на кои досега не им била потребна помош. Сѐ повеќе луѓе не можат да ги платат зголемените цени на лебот, млекото, зеленчукот и овошјето. Сиромаштијата ги погаѓа и постарите. Пензиите се премали, дури и по повеќедецениска работа. Жените се попогодени од мажите бидејќи често работеле нецелосно работно време и биле послабо платени. Едно истражување предвидува дека во 2036 година околу 20 отсто од пензионерите во Германија ќе бидат погодени од сиромаштија во старост.
Иако повеќе категории граѓани, како пензионери со мала пензија, лица што работат, но приходите им се премали, или луѓе кои работат половина работно време затоа што одгледуваат деца, можат да побараат помош од државата, многу од нив се срамат да го направат тоа. Постарите често се обидуваат да работат или собираат пластични шишиња.
Во Германија расте бројот и на лицата што работат цело работно време, а не можат да ги покријат основните трошоци. Иако минималната саатница е зголемена на 12 евра и самец може да заработи нето-плата од 1.480 евра, што е над границата на сиромаштија, инфлацијата го обезвредни приходот. И студентите многу добро го знаат тој проблем. Ако живеат од студентски кредит, тој изнесува максимум 934 евра месечно, вклучувајќи ги и субвенцијата за станарина и здравствена заштита. Тоа е значително под релативната граница на сиромаштија во Германија.
Германската Влада ќе потроши 200 милијарди евра за да ги ублажи последиците од растот на цените на енергентите. Но, со тоа ни одблизу нема да се покријат сите дополнителни трошоци, а според предвидувањата на економистите, инфлацијата останува на високо ниво. Тоа најмногу ќе го почувствуваат оние што немаат заштеда или финансиски резерви.
Извор:
DW
Фото: Freepik